Западен Балкан и северот на Косово тема на разговор на министрите за надворешни работи на ЕУ

од Vladimir Zorba

Министрите за надворешни работи на ЕУ утре во Луксембург ќе разговараат за односите со Западен Балкан, во позадина на средбата на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел со лидерите од регионот во ОН и „ќе ја разгледаат ситуацијата на северот на Косово“, според подготвителниот документ за сесијата.

Според извори на Советот на министри на ЕУ во Брисел, Борел треба да ги информира министрите за надворешни работи на Унијата за ситуацијата на Западен Балкан и пораките што ги доби од лидерите на регионот, вклучувајќи го и неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Словенија.

Во Европската унија, според европски дипломатски извори, неодамнешната акција на косовската полиција и конфликтот со српските цивили на север предизвика сериозна загриженост, па високиот претставник Борел рече дека „насилните инциденти на северот на Косово мора веднаш да престанат … бидејќи тие се неприфатливи, еднострани и некоординирани потези што ја загрозуваат стабилноста “.

Во Њујорк, Борел доби потврда од американскиот државен секретар Ентони Блинкен за позицијата на ЕУ дека сите спорови мора да се решат преку дијалогот Белград-Приштина, како и дека САД го поддржуваат проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.

По самитот на Брдо кај Крањ, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека шефовите на држави или влади на ЕУ евентуално би можеле да ги „допрат“ односите на Унијата со Западен Балкан на седницата на 21 и 22 октомври во Брисел.

Самитот на Брдо кај Крањ заврши без јасна порака од ЕУ за перспективите на партнерите од Западен Балкан да се приклучат на Унијата во догледна иднина.

По самитот, германската канцеларка Ангела Меркел посочи дека не смета дека е целисходно да се одредат датуми за членство на партнерите од Западен Балкан, туку дека тоа треба да следи „кога ќе се исполнат условите“.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ЕУ наскоро ќе одржи „суштинска дебата за геополитиката и проширувањето на Унијата“, во ситуација кога постои поделба меѓу членките на ЕУ во врска со појасни перспективи и чекори за интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Макрон ги објасни позициите на Франција, како и некои други членки на Унијата, велејќи дека „прво мора темелно да го трансформираме функционирањето на ЕУ, бидејќи тоа е веќе тешко со постојните 27 членки“.

Макрон истакна дека „Унијата мора да ги дефинира своите надворешни граници и да ги земе предвид политиките и односите со своите соседи, особено со Русија и Турција“, што со други зборови значи да се разгледа кога и под кои услови „границите на Унијата“ би можеле да се прошират на Западен Балкан.

Слични содржини