Запленетиот кокаин во Крушопек, дел од голема количина со крајна дестинација во земјава

од Берта Китинска

Еден килограм запленет кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била нашата земја, приведени четири лица, отворање финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата, истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица, се резултатите од полициската акција во селото Крушопек во скопски Сарај.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на серијата прашања од страна на новинарите на прес-конференцијата не откри за колкава количина дрога станува збор, ниту со кои други полициии соработувале и во кој временски период, а се, како што рече, во интерес на истрагата.

Медиуми од нашата држава, но и од Албанија, Србија, Словенија, Црна Гора излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тон кокаин, по потекло од Колумбија.

Чулев информира дека кокаинот е пронајден во магацин за овошје – банани на правното лице Банекс компани ДООЕЛ.
Операцијата се спроведувала од 17 до 19 февруари, а Единицата за специјални операции вршела претреси во магацинот на Банекс компани ДООЕЛ, која во 120 наврати извршила увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал обем и од Еквадор.

– Одделот за сузбивање организиран и сериозен организиран криминал, Единицата за недозволена трговија со дрога во период од 17 до 19 февруари 2020 година во координација со јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а во рамките на меѓународна полициска соработка во која беа вклучени повеќе земји реализира акција за недозволена трговија со дрога, при што во скопското село Крушопек беше запленет еден килограм кокаин, кои се само дел од поголема количина, која треба да заврши во нашата држава, рече Чулчев.

Околу девет часот во средата на граничниот премин Ќафасан – Струга е евидентирано товарно моторно возило ивеко влекач и приколка, управувано од 31-годишниот Ј. К,. државјанин на Црна Гора, кој по завршувањето на царинските формалости се упатил во Крушопек. Полицијата по претходно обезбедена судска наредба извршила претрес во магацинот за овојше и во моментот на пристигнувањето на камионот таму бил Ј. Е. (22), син на сопственикот на правното лице, кое е краен примач на стоката, и Р. И. (51), кој бил вработен во магацинот и вршел истовар на робата. Четириесет и седумгодишниот сопственик С. Е. од Скопје во меѓувреме исто така пристигнал во правното лице. Сите тие се лишени од слобода и се во полициска станица, а вчера се изведени пред судија на претходна постапка.

– При извршениот детален претрес во еден од пакетите било пронајдено правоаголно пакување со бела прашеста материја, кое било залепено со зелена лента, рече Чулев и додаде дека во операцијата се одземени мобилни телефони, околу три илјади евра, 700 долари и 188 илјади денари, товарното возило ивеко, заедно со 98 пакети банани, документација, технички уреди, рече Чулев.

Нагласи дека деновиве МВР ќе преземе опсежни мерки за известување на земјите низ кои поминал транспортот, а освен меѓународни активности МВР ќе преземе и активности за останатите физички и правни лица кои евентуално се во корелација со ова правно лице. Тој додаде дека во текот на вчерашниот ден ќе има и финансиска истрага кон правното лице.

Операцијата, повтори Чулев, е меѓународна, но тој не сакаше да споменува конкретни држави што се вклучени во операцијата заради заштита на истрагата.

Некои од медиумите од регионот објавија дека пратка од 124 тони банани била натоварена на мексиканското пристаниште Веракруз, за што биле платени 40.460 американски долари.

Во операцијата, започната пред три месеци, објавуваа медиумите, освен македонската биле вклучени и италијанската и црногорската полиција, како и американската ДЕА.

Камионот со кокаин во Скадар беше пречекан со „почести” и бил испратен до Поградец, објави на својот профил на Фејсбук познатиот новинар од Албанија, Артан Хоџа.

– Камионот со 1,3 тон кокаин со „почести” беше пречекан од царината на Хани и Хотит во Скадар и беше испратена со „почит” до царината во Ќафасан – Поградец, за потоа да бидат уапсени двајца возачи и еден магационер во едно село во Северна Македонија, пишува новинарот Хоџа, коментирајќи ја најновата акција на македонската полиција во село Крушопек.

Дополнително тој како дилема го поставува прашањето дали оваа акција личи на онаа со контејнерот кога во Маминас, близу Драч, во март 2018 година беа запленети 613 килограми кокаин и кога беа уапсени двајца возачи и еден работник во магацин за банани.

Најмалку тројца приведени досега од полициската акција во Крушопек, Сарај, за заплена на 1,3 тон кокаин, објави новинарката на албанскиот „Топ ченел“, Анила Хоџа, која ексклузивно обезбеди фотографија од камионот со кој се превезувале банани, а влегол во Црна Гора, за потоа да премине преку царинската испостава Ќафасан за Македонија.

Во оваа добро организирана акција, објави „Топ ченел“, италијанската и албанската полиција биле информирани за товарот, а во полициската акција во Крушопек учествувала и албанската управа против организираниот криминал.

– Првите информации велат дека кокаинот првично дошол од САД во Бар (Црна Гора), а требало да пристигне во Копер (Словенија). Од засега непознати причини дестинацијата е сменета и кокаинот завршил во Крушопек. „Топ ченел“ дознава дека кога влегол во Албанија, полицијата набљудувала, доколку кокаинот би се растоварил во Албанија. Камионот бил со македонски регистарски таблички, додека во Албанија не запрел, објави овој медиум.

Слични содржини