Започнува масовната имунизација, дневно ќе се вакцинираат од 10.000 до 15.000 лица

од Берта Китинска

Од денеска  се очекува да почне масовната вакцинација со 200.000 кинески вакцини кои пристигнаа во петокот во земјава.

“Овие вакцини, што се веќе пакувани во шприцеви и спремни за апликација ќе бидат распределни во големите вакцинални пунктови во сите шест градови во држава и во Скопје согласно бројот на пријавени  граѓани според возраста по градови, односно по региони, вакцинацијата  ќе започне во вторник.  Пунктовите се веќе спремни, луѓето се координираа, станува збор за здравствен кадар не само во тие градови, туку и  од околните кои ќе помагаат. Некаде бројката на граѓани што ќе се вакцинира на ден ќе биде помеѓу 10 000 и  15 000 илјади“, најави министерот за здравство.

Филипче апелираше граѓаните да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука ќе се генерираат приоритетите.

„Ќе добијат или СМС порака или мејл или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време“, изјави Филипче.

Во регионалниот центар за вакцинација во спортската сала „Билјанини Извори“ ќе се вакцинираат граѓаните од општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Вакцинирањето ќе се одвива според протоколот за имунизација утврден од страна на Министерството за здравство и согласно закажаните термини.

„Пристигна првата пратка од 7200 вакцини од производителот „Синофарм“. Дистрибуцијата на предвидените дози наменети за регионалниот центар ќе се одвива последователно во зависност од капацитетот и условите за чување. – информира градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, кој присуствуваше на приемот на вакцините во регионалниот центар за вакцинација во спортската сала „Билјанини Извори“.

Воедно и во спортската сала на медицинското училиште во Тетово се направени последните подготовки со што 11 илјади граѓани кои се пријавиле за вакцинација ќе бидат вакцинирани. Општина Тетово требало да го подготви амбиентот, а според градоначалничката, Теута Арифи, се е спремно.

„Општина Тетово имаше обврска да го спреми овој амбиент и исто времено да обезбеди технички средства за следење на процесот на регистрација, а процесот на вакцинација ќе го реализираат вработените на Здравствениот дом“, истакна Теута Арифи.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.747, бројката на оздравени пациенти е 133.871, на починати е 4.961, а бројот на активни случаи изнесува 13.915.

 

Слични содржини