Засега нема опасност од големи поплави во Македонија

од Nikola Popovski

Засега на државата не ѝ се заканува опасност од големи поплави, порача директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

-Хидролошката состојба во овој момент е стабилна, како и сите водотеци. На некои места има излевање на реката Вардар, но тоа се места каде постојано при врнежи доаѓа до тоа. Состојбата будно се следи од страна на соодветните институции, рече Ангелов по средбата со претставници на УХМР, Водостопанство, Противпожарната бригада на град Скопје, МВР, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерство за земјоделство и за животна средина.

Нагласи дека УХМР прогнозира дека во следниот период врнежите ќе бидат позастапени во западните делови од земјава, но прогнозата, како што кажа, не може да биде многу прецизна, бидејќи се работи за мала територија. Посочи дека опасност за зголемување на водостоите на реките и езерата е и топењето на снеговите.

Тој рече дека од страна на Водостопанство на Северна Македонија биле информирани дека сите примарни канали се исчистени и можат да ја примат водата која би надошла од врнежите.

-Апелираме до општинските власти да ги исчистат овие канали во согласност со нивните можности, а граѓаните да не фрлаат отпадоци во нив, рече Ангелов и ја повика локалната власт да биде внимателна со канализациите и одводни канали во урбаните средини. Ги повика и граѓаните да бидат претпазливи.

Слични содржини