Засилени контроли за санкционирање на непочитување на сообраќајните правила

од Vladimir Zorba

Во урбаните средини ќе има засилено присуство на сообраќајната полиција и „пајак“ возилата, изјави денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски и информира дека МВР од вчера почна со спроведување засилени акциски контроли за санкционирање на непочитување на сообраќајните правила и прописи во Скопје, но и на територијата на целата држава.

На територијата на Град Скопје во текот на вчерашниот ден, информира Ангеловски, се изречени вкупно 514 санкции, меѓу кои возење без возачка дозвола 30, пречекорување на дозволената брзина на движење 87 прекршоци, нерегистрирани возила 18, санкционирани се 36 мотоциклисти, а одземени четири мотори. изречени се и 169 санкции за неносење заштитна маска.

Тој потенцира дека се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, особено оние кои се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето со возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и слично.

– Во урбаните средини заради обезбедување поголема проточност на сообраќајот, ќе има засилено присуство на сообраќајната полиција и „пајак“ возилата. Исто така, најригорозно ќе бидат санкционирани возачите на мотори кои возат спротивно на приписите и ги вознемируваат граѓаните во доцните вечерни часови, изјави Ангеловски.

Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правла и прописи, не за да го избегнат плаѓањето на казните, како што истакна, туку пред се, за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.

Слични содржини