Заврши првиот ден од судењето за случајот кој го потресе светот, објавени детали од рочиштето

од Stefanija Kuzmanovska

Првиот ден од судењето на полицаецот Дерек Шовин за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд заврши во судницата во Минеаполис.

На поротата ѝ беше покажано и видеото на кое се гледа како Шовин клечи на вратот на Флојд, додека тој вика дека не може да дише.

И одбраната и обвинителството презентираа воведни зборови и презентираа две сосема различни верзии за тоа како починал Џорџ Флојд на 25 мај 2020 година, пренесува „Гласот на Америка“.

Обвинителот Џери Блеквел рече дека Шовин употребил „неразумна и прекумерна“ сила кога клекнал на вратот на Флојд.

Флојд беше уапсен затоа што се обидел да купи цигари со фалсификувана банкнота од 20 долари. Блеквел пред 12-члено жири изјави дека Шовин „ја предал својот значка“.

„Тој беше беспомошен, не пружаше отпор“, рече Блеквел за Флојд.

Но застапникот на полицаецот Ерик Нелсон во воведното обраќање изнесе сосема поинаков пристап кон настанот – дека Дерек Шовин го сторил „токму она за што бил обучен за време на неговата 19-годишна кариера – да го совлада Флојд, кој се противел на апсењето“.

Нелсон рече дека медицинските докази потврдуваат дека немало траги на задушување, за кои обвинителот тврди дека биле причина за смртта, бидејќи Шовин клечел на вратот на Флојд. Нелсон тврди дека Флојд починал од хроничните здравствени проблеми што ги имал, од висок крвен притисок и употреба на наркотици.

Дерек Шовин се изјасни за невин по трите точки од обвинението против него: убиство од втор и трет степен и убиство од небрежност од втор степен.

Доколку биде осуден по која било од овие точки, му се заканува неколку години затвор. Шовин рече дека го сторил тоа за што бил обучен кога клекнал на вратот на Флојд и ја држел ногата таму 8 минути и 46 секунди.

Обвинителот Блеквел рече дека всушност Шовин клечел на вратот 9 минути и 29 секунди. Диспечерката на полицијата во Минеаполис, Џена Скари изјави дека го видела апсењето на Џорџ Флојд преку надзорна камера, но дека било толку шокантно што го известила својот претпоставен.

Доналд Вилијамс, случаен минувач, рече дека Шовин го зголемил притисокот врз Флојд неколку пати. Тој му довикувал на Шовин да престане, бидејќи ќе го запре протокот на крв на Флојд.

Судијата, во корист на одбраната, му дозволи на адвокатот на Нелсон да раскаже за средбата меѓу Флојд и полицијата во Минеаполис од 2019 година, за време на која Флојд наводно се однесувал слично како на средбата со Шовин. Нелсон вели дека инцидентот од 2019 година потврдува дека Флојд починал од дрога и хронични проблеми, а не од притисокот на Шовин. Обвинителството се спротивстави на раскажувањето на таа приказна, бидејќи смета дека тоа ќе влијае на тоа како поротата ќе го процени ликот на Флојд.

Поротата има 12 члена и двајца резервни поротници.

Градот Минеаполис веќе плати 27 милиони долари отштета на семејството на Џорџ Флојд во посебна постапка.

Слични содржини