Заврши заложничката криза во банка: Вооружениот напаѓач е уапсен

од Nikola Popovski

Заложничката криза во која вооружен маж ги држеше како заложници вработени и клиенти во банка на прометната улица Хамра во Бејрут, заврши со предавање на мажот и без повредени.

Властите велат дека 42-годишниот Басам ал Шеик Хусеин влегол во банката во четвртокот со пушка и канистер бензин и се заканил дека ќе се самозапали доколку не му бидат вратени парите од неговата замрзната сметка за да ја плати операцијата на неговиот татко.

По неколкучасовни преговори, тој ја прифатил понудата на банката да добие дел од неговите заштеди, јавуваат локалните медиуми и група штедачи кои учествувале во разговорите. Потоа ги ослободил заложниците и се предал.

Од почетокот на финансиската криза во Либан во октомври 2019 година, банкарскиот сектор во земјата воведе дискрециони контроли на капиталот, сериозно ограничувајќи го пристапот на луѓето до нивните животни заштеди.

Шефот на Либанската асоцијација на штедачи, Хасан Мугније, влегол во банката во обид да преговара за ослободување на заложниците, но мажот испукал два куршуми кон плафонот, наведува „NNA“.

„Политичката моќ и банкарските институции во Либан се одговорни за оваа ситуација“, рече Мугније, пренесува „NNA“.

Економската криза доведе до сиромаштија на повеќе од три четвртини од населението и до тоа локалната валута да изгуби над 90 отсто од својата вредност.

Слични содржини