Збунетост во Украина поради одлуката на УЕФА: Бараат казна за Русија?!

од Nikola Popovski

Кабинетот на украинскиот претседател Владимир Зеленски издаде соопштение по повод одлуката на УЕФА да ги забрани најавените дресови на украинската репрезентација на Европското првенство поради контроверзниот слоган, додека Младинскиот национален конгрес дури и побара казна за Русија.

Во соопштението се наведува дека одлуките на УЕФА не треба да се носат под влијание на политиката, и сето тоа во врска со фактот дека УЕФА реагираше поради слоганот „Слава на хероите“, потенциран на предложениот дизајн на украинските дресови.

„Нашите фудбалери се обидуваат да ја претстават својата земја низ цела Европа. Слоганот е апсолутно јасен и никого не загрозува. Овие пароли се врежани во душата на секој Украинец, тие нè обединуваат и ни помагаат да ја развиваме и заштитиме нашата родна Украина. Украина е една и не може да се раздели. Донбас е Украина, Крим е Украина, никој во Европа не се сомнева во тоа“, се наведува во соопштението.

На одлуката на УЕФА реагираше и Младинскиот национален конгрес, кој наведе дека слоганот „Слава на Украина, слава на хероите“ е неделив.

„Ајде да сториме сè за да ја смениме одлуката на УЕФА! Тој слоган претставува борба за независност. Имаме херои што ги славиме “, се наведува во соопштението, со апелот на УЕФА да размисли за откажување на домаќинот Русија, односно Санкт Петерсбург, за одржување на натпреварите на Европското првенство, бидејќи„ Русија е агресор на Украина“.

Да потсетиме, УЕФА изјави дека за дизајнот на предниот дел на дресот со контурата на земјата, кој го вклучува Крим во нејзиниот состав, не се потребни никакви измени, според резолуцијата на Генералното собрание на ООН за територијалниот интегритет на Украина.

УЕФА исто така потврди дека слоганот на надворешниот дел од дресот „Слава на Украина“ е одобрен во 2018 година. Исто така, се истакнува дека слоганот „Слава на Украина“ може да се сфати како неполитизирана фраза, и „затоа може да се користи на дресот на репрезентацијата“.

Меѓународната фудбалска федерација, од своја страна, најави дека ќе остане неутрална во политичките прашања и истакна дека прашањето за украинскиот дрес на Европското првенство во фудбал е во надлежност на УЕФА.

Фото: Reuters/Andrii Pavelko

Слични содржини