Здравствена криза во Унгарија: Петиција на над 20.000 медицински сестри

од Stefanija Kuzmanovska

Повеќе од 20.000 медицински сестри денес потпишаа петиција против законот усвоен од унгарскиот парламент, со кој се дозволува пренесување во друга болница до две години, пренесува Ројтерс.

Унгарија се соочува со недостаток на медицински работници за време на пандемијата на коронавирус, во време кога расте бројот на новозаболени, бидејќи многу медицински сестри и лекари заминаа во странство.

Новиот закон ги принудува здравствените работници да избираат помеѓу работата во јавниот или приватниот здравствен сектор, а оние што остануваат во јавниот здравствен систем можат да бидат префрлени во друга здравствена установа до две години, наспроти 44 дена, како што беше предвидено со претходниот закон.

Шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан изјави дека законот е потребен поради пандемијата и јавната здравствена состојба, и нема да се спроведува „во мирно време“.

Законот воведува значително зголемување на платата за лекарите, но зголемувањето не се однесува на медицинските сестри чии плати постепено се зголемуваат од 2019 година врз основа на претходната уредба.

Петицијата беше покрената минатата недела од Комората на унгарски здравствени работници. Во онлајн анкета меѓу нејзините членови во октомври, повеќе од 31 процент од испитаниците изјавиле дека нема да потпишат нови договори според новиот закон.

„Повеќе од 95 проценти од сестрите се жени. Тие имаат семејства, а многу од нив се самохрани мајки. Долгото патување ќе го загрози нивниот семеен живот и затоа многу од нив би можеле да ја напуштат професијата“, рече претседателот на Комората, Золтан Балог.

Во петицијата се бара зголемување на платата за медицинските сестри што е пропорционално со зголемувањето на платите на лекарите.

Унгарија во неделата надмина рекордни 3.000 заразени со коронавируси. Од почетокот на епидемијата, заразени се 61.563, а починале 1.472 лица.

Слични содржини