Здравствени експерти за „Локално“: Третата доза од различен производител ќе личи на нова вакцинација

од Берта Китинска

Сите испитувања одат во насока дека ќе биде потребна и трета доза на вакцина против ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Тој информираше дека имал состанок со претставници на „Фајзер“, на кој разговарале за плановите за следната година и за нивните сознанија во однос на клиничките испитувања.

За тоа на кои лица ќе им е потребна третата доза и од кои производител треба да биде „Локално“ поразговара со здравствени експерти кои сметаат дека оваа вакцина  треба да биде дадена на   лицата кај кои се очекува дека по примените две  дози не се  доволно заштитени.

-Се уште има контроверзи дали и кога треба трета или бустер доза. Сите податоци укажуваат дека таа е неминовна, но проблемот е што голем дел од светското населени не е воопшто вакцинирано, а истовремено во некои земји веќе почна апликација на трета доза. Кај нас акцентот треба да се стави и понатаму на невакцинираните возрасни лица, па потоа трета доза кај оние кои не развиле имунитет, па приоритетно би следувале оние кои развиле имунитет, но истиот очекувано опаднал по 6 или повеќе месеци, тоа е бустер доза. Значи трета доза би бил термин за оние кај кои вакцината не предизвикала создавање на антитела, а бустер доза се дава кај оние кои развиле антитела, имаат имунитет, а целта и е да го зајакне истиот, вели за „Локално“, проф.др. Никола Пановски.

Микробиологот смета дека на последно место по приоритет, за вакцинирање би требало да се прележаните, односно оние прележани пред помалку од 6 месеци.

-За жал, од сосема неразбирливи причини, единствено кај нас, истите се третираат како воопшто да не се вакцинирани!!!! Имено, добиваат сертификат кои им важи само 45 дена. Оваа очигледна грешка, и покрај мноштвото аргументи против неа, се уште упорно опстојува и ако не се промени наскоро ќе предизвика голема финансиска, а и здравствена штета, објаснува Пановски.

Според д-р Теодора Брњарчевска од Институтот за Имунологија, за трета доза први на листа треба да бидат  лицата кај кои се очекува дека примарната имунизација не била доволна.

-Сценаријата за тоа како понатаму ќе оди потребата од ревакцинирање на граѓаните се различни. Реално колку долго ќе трае имунитетот по завршената имунизација сеуште не се знае, бидејќи студиите кои треба да дадат одговор на ова прашање се сеуште во тек. Од она што се знае досега можеме да заклучиме дека во првите 6 месеци по вакцинацијата ефикасноста на вакцините останува задоволителна, а третата, или “бустер” дозата веројатно ќе биде препорачана во периодот од 6-12 месеци по втората доза. Појавата на нови соеви на SARS-CoV-2 вирусот дополнително ја афектира (намалува) ефикасноста на сите вакцини досега одобрени за употреба, и ова го прави сценариото за трета доза вакцна се поизвесно за сите граѓани. Се разбира дека препораките за примање на трета доза ќе одат согласно со потребите на различни групи на граѓани од истата, со други зборови, како и при администрирањето на првите две дози, така и при администрирањето на третата доза ќе бидат поставени определени приоритети. Секако први на листата ќе бидат луѓето кај кои очекуваме дека примарната имунизација не била доволна: прво пациентите кои се на имуносупресивна терапија, пациенти со имуни дефицити, повозрасните пациенти, луѓето со хронични болести кај кои се очекуваат компликации при евентуалното заразување со SARS-CoV-2 вирусот, и здравствените работници кои се во непосреден контакт со заразени пациенти, објаснува Брњарчевска.

Послабата ефикасност на „Синовак“ и „Синофарм“ е поизразена кај повозрасните  

Др. Пановски  напоменува дека самиот производител на вакцината „Синофарм“ кажува дека само 70% од лицата кои ќе ја примата ќе развијат антитела, слично, па и помалку е кај Синовак.

– Во Србија само се потврди тоа, а неофицијално  е и кај нас. Повторно се враќаме на приоритет. Кога ќе се воведе трета доза, истата треба прво да ја примат хронично болните, постарите итн. , подвлекува професорот.

Брњарчевска вели дека во моментов  нема споредбени студии во кои директно се споредува ефикаснота на разните видови вакцини кои се достапни на пазарот.

-Објавените резултатите од клиничките студии на вакцините кои содржат умртвен вирус (популарно познати како “кинески” вакцини, имено Sinofarm и Sinovac) покажуваат релативно пониска ефикасност во спречување на пренесувањето на КОВИД-19 споредено со останатите одобрени вакцини. Но, овие вакцини имаат споредлива ефикасност во намалување на честотата на тешката форма на КОВИД-19 и на смртноста, што е главната цел која сакаме да ја постигнеме со имунизацијата. Според нашите досегашни сознанија оваа послаба ефикасност на вакцините е поизразена кај повозрасните граѓани над 60 годишна возраст. Секако оваа група на граѓани спаѓа во оние групи кои очекуваме да имаат приоритет во добивањето на третата доза од вакцината, смета имунологот.

Третата доза од различен производител ќе личи на нова вакцинација 

-Ако се работи за трета доза, имено, ако првите две дози не создале имунитет, нема логика третата да биде иста. Зошто би дала третата доза имун одговор ако првите две не дале? Ако се работи за бустер доза, одговорот е да. По минати 6 месеци се смета дека не би се работело за мешање на вакцините, тоа повеќе личи на нова вакцинација, објаснува Пановски.

Брњарчевска  вели дека потребата од анализа на комбинирањето на различни видови вакцини кон SARS-CoV-2 вирусот се наметна со појавата на наводните несакани ефекти од вакцината на AstraZeneca кај многу мал број лица по примањето на првата доза од вакцината.

-Научните студии кои беа направени со цел да се проучи ефикасноста и безбедноста на стратегијата за имунизација каде втората доза од вакцината е различна од првата кај лицата кои имаа висок ризик од развивање на несакани ефекти, ни донесоа сознанија дека комбинирањето на вакцините нема да биде проблематично и да резултира со несакани ефекти. Единствена причина поради која во овој момент вакцината на Pfizer се препорачува за користење како трета доза е поради тоа што за оваа вакцина се спроведени потребните клинички студии кои ја потврдуваат ефикасноста и безбедноста кога вакцината се прима како трета доза што на оваа вакцина и обезбеди регулаторно одобрение за употреба како трета доза од Американската агенција за храна и лекови (FDA), смета Брњарчевска.

За тоа дали можеби третата доза би била „спас“ од нови мутации, според Пановски единствен лек  би била универзална вакцина.

-За жал не, вирусот се шири и меѓу вакцинираните, особено по два три месеци по вакцината, дури и кај оние кои развиле антитела. Спас би била универзална вакцина, која ќе спречува заразување со сите постоечки и идни претпоставени мутации и која би се аплицирала како спреј во носот, подвлекува професорот.

Имунологот Брњарчевска објаснува  дека колку повеќе еден вирус се размножува толку е поголема можноста за појава на мутации .

-Мутирањето на вирусите е нешто кое што е неизбежно, колку повеќе еден вирус се размножува толку е поголема можноста за појава на мутации. Дел од овие мутации го ослабуваат вирусот, дел се неутрални, но дел од нив и се во корист на вирусот односно го прават да биде повирулентен и да ја зголеми својата патогеност. Единствен начин на кој би се ”спасиле” од појава на нови мутации на SARS-CoV-2 вирусот е спречување на неговото неконтролирано ширење во популацијата. Со цел да го постигнеме тоа, потребно е што поголем број на луѓе да имаат стекнато имунитет кон вирусот и со тоа вирусот да нема можност од понатамошна трансмисија. Колку побрзо го постигнеме потребното ниво на имуност и го ограничиме ширењето на вирусот меѓу луѓето, толку побрзо ќе ја ограничиме можноста за појава на нови мутации кои би можеле да бидат поопасни. Колективниот имунитет стекнат по пат на природна и/или вештачка имунизација е единствениот излез од пандемијата со која живееме, вели таа.

Б.М.

 

Слични содржини