Здравствениот систем под притисок, после викендот можни рестрикции во движењето

од Берта Китинска

Министерот Венко Филипче вели дека изминатите денови здравствениот систем е под силен притисок и состојбата е критична, но засега вели нема потреба од дополнителни ригорозни мерки. Очекува резултат да дадат рестрикциите кои веќе се на сила.

Нови ковди центри

Од викендот и Нефрологија и Гастро ќе станат ковид центри. Веќе се исполнија капацитетите на Кожно и неврологија и надлежните во функција ставаат и други одделенија од интерните клиники.

Само во скопските ковид центри има 382 пациенти кои се хоспитализирани поради компликации од вирусот. Филипче вели дека засега нема потреба да ангажираат и медицински лица од Армијата бидејќи ротираат вработените од клиниките. Но дополнителна помош ќе побараат од средношколките од средното медицинско.

Во однос на кадарот, здравствените власти планираат да ги ангажираат и учениците од четврта година од средното медицинско училиште од отсекот медицински сестри. Во тек се консултации за да се утврди дали ќе може дел од стажирањето да го поминат во ковид центрите, вели министерот Филипче.

„Вчера имав средба со директорката на Средното медицинско училиште за да видиме дали може дел од стажот на медицинските сестри од последната, четвртата година, да се помине во ковид центрите. Има некои административни работи кои денеска и во текот на вчерашниот ден ги разгледуваме и мислам дека во следните денови ќе знаеме дали можеме да сметаме на оваа бројка медицински сестри кои веќе имаат искуство со практичен дел од претходните години“, вели Филипче.

Нема нова препорака за дополнителни рестриктивни мерки

Нема нова препорака за дополнителни рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19, велат од Министерството за здравство.

Ова било одлучено на состанокот на министерот за здравство Венко Филипче со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски и д-р Сузана Маневска, кои телефонски се консултирале со останатите членови на Комисијата.

„Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викендот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето, дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд“,се вели во соопштението.

Како што денеска посочи министерот за здравство, мерките што се во сила, доколку доследно се почитуваат, би дале резултати исто како што би дал и полицискиот час.

Пет болнички возила од арм се ставени на располагање на здравствените работници во борбата против пандемијата на коронавирусот. Претходно и поранешни професионални војници од АРМ се вклучија во борбата со ковид 19

Министерот за здравство не очекува дека со карантините кои следуваат викендот во некои соседни земји не очекува да имаме импортирани случаи бидејќи во секоја држава главен проблем е локалната трансмисија.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 42540, бројката на оздравени пациенти е 25353 на починати е 1212, а бројот на активни случаи изнесува 15975.

Слични содржини