„Зелен хуман град“: Прагот за потписи за независни листи на локално ниво да се намали десеткратно

од Nikola Popovski

„Веруваме дека премиерот Заев е свесен дека со неговите калкулации ќе бидат потребни повеќе потписи за независна советничка листа за Град Скопје отколку за пратеничка листа? За кандидирање на парламентарни избори, независна листа треба да собере 1 000 потписи од цела изборна единица, а за Град Скопје, со зголемувањето на прагот на еден отсто, треба да се соберат 5 000 потписи, колку што на локалните избори во 2017 г. „тежел“ еден советнички мандат“, реагираат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ на најавите на премиерот Зоран Заев за намалување на прагот за независни листи од два на еден процент или евентуално негово укинување со измените на Изборниот законик.

Тие бараат прагот за потписи за независни листи на локално ниво да се намали десеткратно од она што е пропишано во актуелниот во Изборниот законик, но и да се овозможи потписи да се собираат надвор од канцелариите на ДИК, односно на улица, со приложување лична карта. Тоа, велат од иницијативата, е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР од 2017 година, во кои е наведено дека „треба да се размисли за обезбедување алтернативни методи за собирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување“.

Тие од шефот на државата Стево Пендаровски, министерството за правда и од Собранието бараат за Изборниот законик да се отвори јавна дебата во која ќе учествува престставник на „Зелен хуман град“, за изборните правила да не решаваат само поголемите политички партии кои, според „Зелен хуман град“, носат одлуки во нивни интерес.

Прагот од два отсто за собирање потписи за независните листи во Предлогизмените на Изборниот законик ќе биде намален, веројатно на еден отсто или можеби и укинат. Како ќе одлучат пратениците, јас како политичар тоа ќе го поддржам, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

– Изборниот законик ќе биде согласно укажувањата кои стигнаа и од експертската јавност, но и од помалку бројните партии заради тоа што тие оценија дека не е коректно поголемите партии да го определуваат прагот за неопходен број собрани потписи за поднесување на независните листи. Видов дека има амбиент и ќе биде намален прагот од два отсто, веројатно на еден отсто или можеби и укинат, изјави Заев.

Слични содржини