Зеленски: Ако Русите го заземат Бахмут, би можеле да тргнат кон другите градови

од Stefanija Kuzmanovska

Украинскиот претседател Владимир Зеленски предупреди дека во случај на заземање на Бахмут, руската армија ќе има „слободен пат“ да ги окупира градовите на истокот на Украина.

„Разбираме дека по Бахмут би можеле да одат понатаму, би можеле да одат до Краматорск, до Славјанск, патот ќе биде слободен за сите Руси… кон другите градови во Украина. За нас тоа е стратешко прашање“, рече Зеленски во интервју кое Си-Ен-Ен го објави синоќа и нагласи дека украинските војници се решени да го одбранат тој град.

Руската армија се обидува да го заземе градот Бахмут, сметајќи дека е важен за продолжување на нејзината офанзива и покрај жестоката одбрана од страна на Украинците.

„Бахмут е важен центар за одбрана на украинските војници во Донбас“, изјави вчера рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, додавајќи дека неговото заземање ќе овозможи спроведување на „нови офанзивни операции во подлабоко во Украина“.

Зеленски изјави за Си-Ен-Ен дека вооружените сили на Украина се решени да останат во Бахмут.

„Вчера имав состанок со началникот на Генералштабот и воените команданти и сите тие рекоа дека треба да останеме силни во Бахмут“, изјави Зеленски за Си-Ен-Ен.

Тој додаде дека, секако, треба да се земат предвид животите на украинските војници.

„Но, ние треба да направиме се што можеме додека добиваме испораки на оружје и нашата војска се подготвува за контраофанзива“, рече тој.

Најдолгата и најсмртоносната битка од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година се води околу Бахмут.

Градот, кој сега има најмногу 4.000 жители во споредба со 70.000 пред инвазијата, е во голема мера уништен.

Слични содржини