Зеленски на руски јазик им испрати порака на Русите

од Stefanija Kuzmanovska

Украинскиот претседател Владимир Зеленски им порача на руските војници дека „постојат опции да преживеат“. Во објава на Телеграм, тој рече дека 55.000 руски војници „загинале во оваа војна за шест месеци“, иако Русија рече дека бројот е многу помал.

Десетици илјади други беа „ранети и осакатени“, додаде Зеленски. „Сакате повеќе? Не? Тогаш протестирајте“, им порача Зеленски на Русите. „Борете се. Бегајте. Или предадете се на украинското заробеништво“, рече Зеленски. „Ова се вашите опции за преживување“, додаде тој.

Зеленски ја опиша одлуката на Владимир Путин да мобилизира 300.000 резервисти како „чесно признание дека нивната редовна армија, која со децении се подготвуваше да преземе странска земја, не издржа и се распадна“.

Поради мобилизацијата, војната сега е нешто што „влезе во секој руски дом“, додаде тој и рече дека Русија вовлекува се повеќе свои граѓани во војната.

Во своето ноќно обраќање, Зеленски се префрли од украински на руски јазик, велејќи им на руските граѓани дека ги „фрлаат во смрт“.

„Вие сте веќе учесници во сите овие злосторства, убиства и мачења на Украинците“, рече тој.

„Затоа што молчевте. Затоа што молчите. И сега е време да одберете. За мажите во Русија, ова е избор да умрат или да живеат, да станат инвалид или да го зачуваат здравјето. За жените во Русија, изборот е да ги губат своите сопрузи, синови, внуци засекогаш или сепак да се обидат да се заштитат од смрт, од војна, од една личност“, заклучува тој.

Слични содржини