Зеленски очекува Украина оваа година да ги почне преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski

Европската унија (ЕУ) вети силна поддршка на Украина на Самитот во Киев, но не постави „точни рокови“ за пристапување на таа земја во блокот.

– Нашата цел е да ги започнеме преговорите оваа година, рече претседателот Володимир Зеленски, кој се надева дека Унијата ќе понуди забрзан пат кон членство.

На заедничка прес-конференција запрашана за динамиката на пристапот на Украина, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека „нема точни рокови, но има цели што Украина треба да ги постигне“. Сепак, таа ги пофали напорите на Киев во реформите што се спроведуваат „прецизно, квалитативно и брзо“, опишувајќи ги овие напори како „феноменални“ во време на екот на војната.

На Самитот беше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој рече: „Иднината на Украина е во Европската унија“ и ја повика владата да работи на зајакнување на владеењето на правото.

„Ние ќе бидеме со вас на секој чекор од патот“, кажа Мишел.

Во заедничката изјава се споменува решеноста на Украина да ги започне пристапните преговори што е можно поскоро, но не се споменува конкретен датум.

Слични содржини