Зеленски: Ограничувањето на цената на руската нафта е несериозна одлука

од Vladimir Zorba

Ограничувањето на цената на руската нафта до 60 долари, договорено од групата Г7 и Австралија е несериозно и тешко дека ќе ја одврати Русија од војната во Украина, изјави во саботата украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Откако Г7 и Австралија постигнаа договор во петокот, Европската унија се очекува да го стори тоа во текот на викендот. Мерката има за цел да ги намали приходите на Русија од продажбата на нафта, а истовремено да го спречи растот на светските цени.

– Ваквото ограничување тешко би можеле да го наречеме сериозна одлука. Сосема е удобно за буџетот на терористичката држава – рече Зеленски во видео-обраќање.

– Прашање на време е кога ќе треба да се користат помоќни алатки. Штета што ќе се изгуби тоа време – додаде тој.

Андриј Јермак, шефот на администрацијата на Зеленски, претходно рече дека границата треба да се постави на 30 долари „за побрзо да се уништи непријателската економија“.

Зеленски се пожали дека светот покажал слабост поставувајќи ја границата на 60 долари, што според него ќе го зголеми буџетот на Русија за 100 милијарди долари годишно.

– Овие пари ќе одат за дестабилизација на токму оние земји кои во моментов се обидуваат да избегнат сериозни одлуки – рече тој.

Рускиот претседател Владимир Путин и високите функционери на Кремљ постојано предупредуваа дека нема да доставуваат нафта за оние земји кои воведуваат ценовни ограничувања.

Руската амбасада во САД го критикуваше „преобликувањето“ на принципите на слободниот пазар на комуникациската платформа „Телеграм“ и повтори дека и покрај мерките, побарувачката за нејзината нафта сепак ќе остане висока.

Слични содржини