Зеленски рече дека Макрон си го губи времето со дијалогот со Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека францускиот лидер Емануел Макрон го троши своето време со дијалогот со Русија, пренесе Ројтерс.

Шефот на украинската држава го изјави ова во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“, замолен да ги коментира зборовите на Макрон дека Русија мора да биде поразена, но не и целосно поразена и дека конфликтот во Украина мора да се реши со преговори.

Двајцата претседатели разговараа телефонски во неделата.

„Дијалогот е бескорисен. Макрон си го губи времето. Дојдов до заклучок дека е надвор од нашата моќ да ја смениме позицијата на Русија“, изјави Зеленски за италијанскиот дневен весник. „Ако тие решиле да се изолираат, сонувајќи за обнова на старата советска империја, не можеме ништо да направиме. Нивна работа е дали ќе изберат да соработуваат со меѓународната заедница врз основа на взаемно почитување или не“.

Зеленски ја отфрли идејата дека западните санкции го турнале рускиот претседател Владимир Путин во изолација.

„Напротив, одлуката за започнување на војната беше таа што го маргинализираше Путин“, рече украинскиот претседател, цитиран од агенциите.

Зеленски додаде дека Украина ќе продолжи да го брани градот Бахмут, за кој се води жестока борба со месеци, се додека тоа има смисла.

„Да, ова е особено голем град. На крајот на краиштата, како и многу други градови во Донбас, тој беше уништен од Русите. За нас е важно да го браниме, но не по секоја цена и не сите (бранители) во него да умрат“, рече украинскиот претседател.

Според него, по Бахмут, руските команданти сакаат да напредуваат позападно во областа Доњецк кон Краматорск и Славјанск, а потоа, доколку можат, да стигнат до градот Днипро во централна Украина.

„Ќе пружиме отпор и во меѓувреме ќе се подготвиме за нов контранапад“, рече Зеленски.

Слични содржини