Зеленски утре во посета на Рим, во недела во Германија

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, утре ќе го посети Рим, каде ќе се сретне со политички претставници и најверојатно со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Тоа ќе биде прва посета на Зеленски на Рим од почетокот на руската инвазија на Украина.

Неименуван портпарол на италијанското претседателство потврди за францускиот печат дека претседателот Серџо Матарела ќе се сретне со Зеленски, без да наведе други детали.

Извор близок до Ватикан изјави дека е можна средба меѓу папата и Зеленски.

Папата, кој го прими Зеленски во февруари 2020 година, постојано повикува на мир во Украина и се моли за жртвите секоја недела за време на миса.

Во април, папата го прими украинскиот премиер Денис Шмигал, кој го покани да ја посети Украина и побара помош за децата насилно однесени во Русија.

Зеленски треба да се сретне со италијанската премиерка Џорџа Мелони, која го посети Киев во февруари и ја потврди поддршката на Италија за Украина, и покрај претходните блиски врски со Русија пред инвазијата.

Претседателот на Украина, по Рим, ќе ја посети Германија. Ќе се сретне со канцеларот Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер. Во недела во Ахен, Зеленски ќе ја добие наградата Карло Велики за неговиот придонес во европското единство.

Слични содржини