„Земјите од Балканот мора да ‘сковаат планови’ за да се спротивстават на руското влијание“

од Stefanija Kuzmanovska

Словенечкиот премиер Роберт Голоб предупреди во врска со руското влијание на Балканот дека земјите од регионот мора да „сковаат планови“ за да се спротивстават на очигледното руско влијание врз локалната јавност и на „информативната војна“ што доаѓа од Москва.

Во интервју за британски Би-Би-Си, на маргините на вчерашниот самит на НАТО во Мадрид, Голоб рече дека „делови од локалното население се наклонети кон позициите на Москва и затоа треба да работиме со владите на Балканот за тоа како да се донесе тие се поблиску до европската позиција. Но, мора да ја пресметаме наклонетоста на населението кон Русија, да не ја игнорираме, па да најдеме дури и кревка рамнотежа“, предупреди словенечкиот премиер.

Како што пренесуваат медиумите во Љубљана, тој предупредил и за грешките од минатото во односот на Западот со Русија, од кои, додаде, треба да се извлечат поуки.

„Настаните во Украина можеби ќе се одвиваа поинаку доколку НАТО ја третираше како што се однесуваше кон Кина. Ова е лекција од која мораме да научиме“, рече Голоб.

Во разговор со словенечките медиуми за време на самитот во Мадрид, Голоб најави забрзување на напорите Словенија да ја достигне целта што поскоро да го зголеми финансирањето на својата армија на два отсто од БДП, според договорите во НАТО алијансата и изјави дека неговата влада ќе го промени претходниот план да се постигне тоа дури до 2030 година.

„Верувам дека словенечкиот војник на Западен Балкан може да придонесе значително повеќе отколку во друга област за која знае помалку“, рече Голоб во врска со одбранбениот акционен план на НАТО за зајакнување на неговото источно крило кон Русија.

Според него, тој план ќе вклучува и проценка кој член може да даде релативно поголем придонес од останатите во одредена област.

„Ова секако значи дека Словенија ќе мора темелно да ја одмери сегашната одбранбена и безбедносна доктрина, но секогаш во рамките на НАТО. Затоа што само во рамките на НАТО и преку единство на сите членки можеме да бидеме успешни во соочувањето со идните предизвици“, рече Голоб.

Тој додаде дека неговата влада за неколку месеци ќе излезе со план за зголемување на буџетските средства за армијата со цел да се прилагоди на новонастанатата ситуација и промената на доктрината за одбрана и одвраќање на НАТО алијансата.

Слични содржини