Зетот на Трамп: Афроамериканците мора да сакаат успех, за да го постигнат

од Stefanija Kuzmanovska

Советникот на Белата куќа Џеред Кушнер ги критикуваше спортистите и другите кои протестираа против расизмот во Соединетите Американски држави на социјалните мрежи и терените, велејќи дека Афроамериканците мора да сакаат успех, за да се сменат политиките, пренесува „Хина“.

Во телевизиското обраќање критикувано од демократите, Кушнер, зет на републиканскиот претседател, зборуваше за планот на Трамп да создаде работни места и нови можности за Афроамериканците доколку биде реизбран на почетокот на следниот месец.

„Во последниве години многу се зборуваше за нештата што и требаат на заедницата на Афроамериканците, а тоа се интензивираше особено по ситуацијата со Џорџ Флојд“, изјави Кушнер за „Fox&Friends“.

Расна нееднаквост

Афроамериканецот Флојд почина во мај откако полицаец му клечеше на вратот скоро девет минути, предизвикувајќи протести против расната нееднаквост и полициската бруталност.

„Видовте многу луѓе кои само сакаат да покажат колку се полни со доблест. Тие одеа на Инстаграм и плачеа, ставаа пароли на маиците или пишуваа нешто на кошаркарското игралиште. Искрено, тоа повеќе поларизираше отколку што ги обединува луѓето“, вели тој.

Планот на Трамп ќе постигне многу повеќе, посочи Кушнер, признавајќи дека црната заедница со големо мнозинство ги поддржува ривалските демократи.

Демократите го нападнаа Кушнер

„Политиката на претседателот Трамп може да ги спаси луѓето од проблемите за кои се жалат, но не можат да им помогне да успеат, ако не сакаат“, рече тој.

„Претседателот Трамп можеби понекогаш не ги кажува вистинските работи, но затоа ги прави“, додаде тој.

Демократската национална конвенција со соопштение го нападна Кушнер, тврдејќи дека тој сугерира дека барањето правда за убиството на Афроамериканец е „непристојно“.

„Овој ексклузивен пристап кон прашањата што се важни за Афроамериканските гласачи е показател за бесчувствителноста и небрежноста на Трамп за животот на црнокожите“, се вели во соопштението.

Слични содржини