Зголемување на минималната плата – насушна потреба на се посиромашните работници или непродуктивно гаснење на социјалните пожари

од Vladimir Zorba
784 прегледи

Интензитетот на искричења меѓу синдикатот и власта околу барањето за зголемување на минималната плата се чини дека секојднево се зголемува, подеднакво добивајќи аргументи за и против.

За економскиот аналитичар Глигор Ивановски  не само што нема ништо спорно во барањето на Синдикатите, туку тоа е апсолутно издржано бидејќи, како што вели, работниците со сегашната минимална плата не се во состојба да ги задоволат минималните потреби за секојдневно живеење. Оттука, според него, не е прашањето дали треба, туку колку да се зголеми сегашната минимална плата.

Глигор Ивановски

Глигор Ивановски

“Тоа што Владата вели  дека нема пари во буџетот за исплата на зголемена минимална плата не е оправдување за да  не отпочнат разговорите помеѓу трите социјални партнери – Владата, синдикатот и работодавачите. Според мене, ако нема пари во буџетот ќе се доведе во прашање финансирањето и на сите активности во државата кои се алиментираат од буџетот, а тоа не е  само зголемената минимална плата, туку и образованието, здравството, полицијата, армијата, државната администрација, субвенциите во земјоделството, социјалната заштита и се друго’’, вели „Ивановски“ за Локално.

Во оваа насока е и неговата проценка дека Владата бара само изговор да не се зголеми минималната плата на висина која ја бара Синдикатот, бидејќи како што вели, „пари во буџетот има секогаш, само е прашањето како се трошат и распоредуваат буџетските средства помеѓу корисниците на таквите средства’’.

За Ивановски нема основа ниту предупредувањето на работодавачите дека зголемувањето на минималецот ќе значи затворање на малите компании. Според него, станува збор за наратив кој иако се пласира со децении, воопшто не е точен.

Дали работодавачите ќе го затворат бизнисот или не, не зависи од минималната плата, туку од можноста да остварува профит. Профитот е основна водилка на бизнисите на работодавачите, профитот е определувачки дали работодавачите ќе го затворат бизнисот или не. Се додека работодавачите остваруваат профит работодавачите ќе го водат бизнисот, при што на висината на профитот е незначително влијанието на висината на минималната плата’’, вели Ивановски.

Економскиот аналитичар Абил Бауш од друга страна укажува на повеќеслојноста на целата ситуација поради што според него е потребна многу поголема внимателност во контекст на барањето за зголемување на минималната плата. Според него, покачувањето не смее да се прави од погрешни, односно  во случајов социјални причини.

Абил Бауш

Абил Бауш

„Работите во економијата се одвиваат по прецизни и јасни правила, а според нив, вакво покачување е невозможно без засилување на економијата и поголем економски раст,  без вложување во инфраструктурата, во образованието, здравството…Зголемувањето на минималната плата не оди заедно со посточкиот висок процент на сива економија, па одтука доколку неформалната економија се намали, секако дека ќе има ислучително позитивни ефекти врз вкупната економија,  а со тоа и врз можноста за покачување на минималната плата’’изјави Бауш за Локално.

 Како своевиден парадокс го посочува фактот дека во услови кога во државава  континуирано се бараат работници имаме низок стандард.

Нашата економија е кревка, со бизнисмени кои се навикнати да работат според услови од XX век. Минатата Влада која континуирано ја критукував, гаснеше социјални  пожари што беше сосема погрешно. Очекував дека новата Влада ќе ги намали трошоците за институциите, но резултатите се сосема спротивни“, вели Бауш .

Како целосно неприфатливо го посочува однесувањето на новата министерка за финансии  која постојано излегува пред медиумите со алармантни оценки за состојбата на буџетот. Ваквиот став според него не е во насока на економско конструктивно делување, туку е единствено сензационалистички, посочувајќи дека доколку сме нормална држава овој  однос  во најмала рака би предизвикал крах на берзата.

Во меѓувреме, Владата не излегува со конкретен став околу барањето на синдикатот. Премиерот Мицкоски му забележа на првиот синдикалец Трендафилов дека наместо синдикална борба, во неговите настапи препознава многу политика. Како аргумент уште еднаш го посочи фактот дека буџетот е во лоша состојба и дека парите се ограничени. Во целиот овој период  зголемените плати на функционерите си легнуваат на сметките, и тие како што посочи Мицкоски, нема да се намалат, но ќе бара законско решение за да не растат.

К.В.С.

Слични содржини