Жариште на борбите во Украина: Што се случува во Бахмут?

од Stefanija Kuzmanovska

Командантот на украинските пешадиски сили Олександр Сирски изјави денеска дека руските единици во областа Бахмут, во источна Украина, губат сила и се исцрпуваат.

„Наскоро ќе ја искористиме шансата“, изјави Сирски.

Според него, украинската армија го направила истото во близина на Киев, Харков, Балакли и Купјанск, пренесува агенцијата ФоНет.

Битката кај Бахмут трае 12 месеци и е една од најжестоките битки од почетокот на руската инвазија.

Бахмут, според командантот на копнените сили на Украина, станал цел која Русите се обидуваат да ја опколат.

Неодамна во посета на Бахмут дојде и претседателот на Украина, Владимир Зеленски.

Тој им оддаде почит на борците „учесници во најжестоките битки“ во областа.

Руските сили почнаа да го гранатираат овој град од воздух, веднаш по заминувањето на кинескиот претседател Си Џинпинг од официјална посета на Москва.

Со оглед на тоа што постои силен отпор кон руската инвазија, британското разузнавање е на мислење дека руските напади врз градот можеби се „исцрпени“.

„Сепак, останува опасност украинскиот гарнизон во Бахмут да биде опколен“, се вели во својот разузнавачки извештај во средата на британското министерство за одбрана.

Генералштабот на украинската армија се согласи дека офанзивниот потенцијал на Русија во Бахмут опаѓа.

Бахмут стана клучна цел за Москва, која го гледа градот како отскочна даска кон завршување на нејзиното освојување на источниот регион Донбас.

Според воениот аналитичар Олех Жданов, украинските сили повеќе или помалку ја стабилизирале ситуацијата во Бахмут додека руските сили не можат ништо да направат.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претходно предупреди дека Бахамут може да падне за неколку дена.

„Источноукраинскиот град Бахмут, во центарот на повеќемесечниот конфликт, кој е под притисок на руската армија и руската паравоена група Вагнер, би можел да падне „во наредните денови“.

Како што е случајот со Бахмут, слична ситуација се случува и во Авдијевка, каде што украинските сили се лоцирале многу пред 24 февруари минатата година.

Од 2014 година, во овие области се одржува линија против милитантите поддржани од Русија кои сакаа да преземат контрола врз делови од територијата во источна Украина, по руската окупација на Крим.

Градот Авдијевка, кој се наоѓа на истокот на земјата, би можел да стане „втор Бахмут“.

Украинските сили се бранеа во тој град осум месеци од руските војници, иако сега опасноста од опкружување го достигна својот врв.

На само 13 километри од Доњецк, град под руска контрола, Авдијевка имаше 30.000 жители пред инвазијата во 2022 година.

По повеќе од една година војна, останаа 2.300 луѓе, од кои 1.960 живеат од социјална помош.

Кога избувна конфликтот во Украина во 2014 година, проруските сепаратисти ја зазедоа Авдијевка пред силите на Киев да ја преземат контролата.

Неговата близина до линијата на фронтот го направи градот жариште на борби пред минатогодишната целосна инвазија.

Слични содржини