Жбогар за МИА: Вие не добивте одлука за почеток на преговори, но тоа не значи дека тоа е крај на патот

од desk4

Испорачавте се што беше побарано од вас, го исполнивте вашиот дел. Но во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно, а за жал ние повторно го одложивме ова прашање. Го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката на Европскиот Совет во Брисел, но остануваме посветени на Северна Македонија и на регионот.

Ова во интервју за МИА го вели евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, признавајќи оти треба да се извршат реформи и во самиот процес на носење одлуки внатре во самата ЕУ.

Во однос на тоа дали Брисел чувствува политичка одговорност, бидејќи одбивањето на датум за преговори наметна вонредни парламентарни избори на 12 април, со што на одреден начин Северна Македонија може да падне во политичка криза, Жбогар истакна дека ЕУ останува посветена на регионот.

„Сите го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката или неодлуката на Европскиот Совет во Брисел. Нашите лидери, од претседателот на Советот Доналд Туск до претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, до еврокомесарот Јоханес Хан беа многу јасни во оценката што се случи. Но во исто време, мора да кажеме дека ништо не е променето во нашиот однос. Остануваме посветени на Северна Македонија. Европската Унија останува посветена на регионот. Проширувањето на ЕУ кон регионот останува стратешки приоритет, и тоа не е променето. Остануваме најголем донатор, остануваме најголем трговски партнер, најголема извозна дестинација и доаѓаат големи инвестиции од големи инвеститори во земјата. Тоа останува непроменето. Ние ќе продолжиме да работиме со земјата, ќе продолжиме да ја поддржуваме и да помагаме и во наредните месеци ќе имаме интерни дискусии за промената во политиката на проширување и пред Самитот во Загреб, нашите лидери ќе се навратат на прашањето за отворање преговори со Северна Македонија. Во исто време видов дека лидерите синоќа се договорија за избори во април, така што тоа е речиси во истиот период кога вие ќе имате изборен период а ние ќе имаме внатрешни консултации за модифицирање на политиката на проширување и пред месец мај се надевам дека ќе продолжиме со тоа“, рече Жбогар, кој потоа го анализираше ставот на Макрон за тоа дека Унијата не треба да биде единствената опција за Западен Балкан.

„Суштинските разговори за проширувањето, за новата методологија на проширување не се се уште започнати меѓу земјите-членки. Но, како што и претходно јасно кажав политиката на проширување е стратешки приоритет за Европската Унија. Тoa e заштитено и со Лисабонската спогодба со членот 49 и сега останува на земјите-членки да дискутираат како тоа да го направат на најдобар можен начин, со цел Европската Унија да продолжи да биде функционална. Во стратегијата што ја усвои Комисијата минатата година, ЕК ја посочува потребата од реформи во Европската Унија, со цел да може да функционира кога нејзиниот број членки ќе се зголеми над 30. Комисијата дури и кажа дека ЕУ треба да стане подлабока, пред да стане поширока. Тоа значи дека треба повеќе да се интегрираме и веројатно да не мора сите одлуки да ги носиме едногласно, пред да прифатиме нови членки, бидејќи процесот на носење одлуки веќе е отежнат, со 28, или во овој случај со 27, и ќе станува се покомплициран кога ќе имате дополнителни членки. Затоа има потреба од реформа во носењето одлуки во ЕУ со можно воведување на носењето одлуки со мнозинство гласови, пред да примиме нови членки. Но тоа не значи дека ја отфрлуваме политиката на проширување. Мислам дека Европската Унија е свесна за одговорноста кон овој регион, свесна е за посветеноста на регионот кон ЕУ, кон европските вредности, цели. Беше убаво да се слушне синоќа од сите политички лидери дека остануваат посветени на европскиот пат и тоа е единствениот пат по кој оди земјата и оти ќе направат се што е можно вклучително во наредните шест месеци да го зајакнат тој пат.

Вие не добивте одлука за почеток на преговори, но тоа не значи дека тоа е крај на патот. Отворањето преговори е симболичен чин. Тоа е важно но тоа во суштина не ги менува животите на луѓето. Она што го менува животот на луѓето се реформите. Реформите во правосудството, реформи во животната средина, реформи во економијата, во здравството, образованието… Процесот на проширување е тука да ги поттикне и помогне реформите. Но тоа не е замена за реформите. Ќе продолжиме да ја поддржуваме земјата во целиот реформски процес и се надевам за половина година ќе се навратиме на ова прашање и на новата методологија што треба да биде договорена меѓу лидерите“, потенцираше Жбогар.

Слични содржини