„Новата поддршка за СДСМ, како опција да формира Влада и да ја води државата, се роди како глас и порив против заканата пред која беше исправена иднината на нашата земја – заканата од затворено општество. Како демократска сила, одлучно се спротиставивме на ретроградните структури, на оние кои сакаа и успеаја да го затворат и заробат македонското општеството. За среќа, ги спречивме… пред да биде предоцна“, пишува заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски на својот фејбук профил.

Во изминати три години ги реафирмиравме принципите на граѓанските демократските стандарди, на еманципираната политичка култура, човековите права и слободи, за сите без исклучок, како и неопходноста од транспарентност и отчетност на институциите во државата.

Внесовме нова енергија, дотогаш невидена во регионот. Сплотивме луѓе и народи, сплотивме држави. Регионот, од бунар на конфликти, низ покажаното чесно и храбро лидерство, го претворивме во извор на стабилност, безбедност и перспективи.
Балканот, конечно, стана дел од Европа, не само географски.

Покажаме посветеност кон вредностите, подадовме рака за соработка преку политиките на инклузивност во државата, преку политиките на мостови кон соседите и преку политиките на отвореност кон нашите стратешки партнери- ЕУ и НАТО.

Станавме 30-та земја членка на НАТО, нешто што беше наша стратешка определба од самиот почеток на независноста на државата. Денеска, нашите граѓани се безбедни, бидејќи сме дел и имаме заштита од најсилниот, најмоќниот воен сојуз на светот. Никогаш повеќе нема да не’ делат.
Од друга страна, ги започнуваме преговорите за членство во ЕУ. Добивме верификација за успехот на нашите напори. За истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции, кои успешно ги спроведоа реформите што ги поставивме како наша цел уште во 2017 година.

Стигнавме до точка од која враќање назад нема, од која јасно, и од високиот Кораб, и од Пелагониската Низина, јасно се гледа нашата европска перспектива.

Конечно, после повеќедецениската голгота, ја потврдивме нашата лична карта во ОН и го потврдивме македонскиот идентитет.

Направивме реформи за коишто беше потребна силна политичка волја, енергија, ентузијазам, надеж, верба и храброст за да профункционира правната држава, за да обезбедиме независни институции, објективни медиуми и професионална полиција.

Ја вративме одземената слобода на говорот. Секогаш му ја кажувавме вистината на македонскиот граѓанин, преку објективно и целосно информирање, бидејќи знаевме дека објективното и слободно известување е од клучно значење во градењето на демократијата, за воспоставување на добро владеење и за соодветна комуникација за реформите што се преземаат.

Ова се нашите победи. Само на овој начин можевме и успеавме да ги сопреме регресивните сили и пропагаторите на евроскептицизам, национализам, и секакви останати форми на политички, верски и идеолошки радикализам.

Премногу ни е битна иднината на нашата земја и на нашите деца за да го препуштиме просторот на затворената, мрачна алтернативa. Мораме силно и заедно да се спротиставиме на поделбите, на популизмот, на изолацијата, на менталитетот “сите ни се непријатели”.
Затоа, на 15-ти јули, изборот не е меѓу левата или десната политичка опција, туку меѓу отворено или затворено општество. Меѓу слобода и режим.“, вели Жерновски меѓудругото.

Слични содржини