Жерновски за Берлинскиот процес: Македонско-бугарското копретседавање ефективно ги реализира приоритетите

од Nikola Popovski

Заменик министер за надворешни работи Андреј Жерновски, денеска учествуваше на вебинар „Локалните власти на Западен Балкан во пристапниот процес кон ЕУ и Берлинскиот процес“, во организација на Европската асоцијација за локална демократија-АЛДА.

Како што соопшти МНР, целта на конференцијата беше одбележување на 20-годишнината од постоењето на АЛДА и нивната активност на полето на создавање одржливи локални заедници, а гледано низ фокусот на европската интеграција и целите и приоритетите на копретседавањето со Берлинскиот процес на Северна Македонија и Бугарија.
Жерновски посочи дека клучно за една демократија е да се поттикне инструментот за повеќестепените процеси на донесување одлуки, кадешто локалните и регионалните власти ќе можат да го даваат своето мислење во креирањето на политиките.
-Ние се потпиравме на овој пристап во рамки на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес за 2020 година на Северна Македонија и Бугарија, применувајќи го принципот на сеопфатност, апсорбирање на регионалните погледи во рамките на програмскиот план на Претседателството, со цел да ги одразиме нивните, а пред се интересите на граѓаните, истакна Жерновски.
Во контекст на копретседателството со Берлинскиот процес, тој додаде дека првпат од 2015 година се случува земја-членка и земја-кандидат заедно да копретседаваат со овој процес, што претставува силен сигнал за регионално сопствеништво и можност за претставување на важни регионални теми во поширок европски контекст.
-Кризата предизвикана од Ковид-19С создаде неизвесност и непредвидливост не само за регионот, туку и за целиот европски континент, а со тоа се наметна и потребата од адаптација на програмата на заедничкото претседателство. Покрај тешкотиите предизвикани од кризата Ковид-19, двете држави се фокусираа на спроведување и насочување на клучните приоритети, како што е олеснетото движење во регионот, засновано врз сеопфатност, изнаоѓање опции за Регионален договор за патување со лични карти, ажурирана агенда за регионалната економска област (МАП РЕА 2.0) и давање поттик за имплементација на одредбите од Декларацијата за Ромите усвоена во Познан минатата година, рече тој.
Според него, поради кризата се изнаоѓаат поинакви пристапи и соодветно олеснување на
моменталните предизвици и поради тоа во заедничкото претседавање ќе се вклучат теми поврзани со постковид економското закрепнување на регионот, почнувајќи од транспортот и зелените коридори, како и взаемната помош за јавното здравство.

Слични содржини