Жерновски за „Локално“: Зајкова ќе се залага за силна партија која што самостојно ќе ги гради позициите

од Nikola Popovski

Поранешниот лидер на ЛДП, Андреј Жерновски го коментираше изборот за нов лидер во партијата која е дел од актуелната власт. Тој во разговор за „Локално“ ѝ честиташе на новата претседателка на ЛДП, Моника Зајкова ѝ и посака успех во понатамошното водење на партијата.

-За Моника имам позитивно мислење. Таа е млада, енергична, вредна. Се покажа во Собранието како пратеник, истакна Жерновски и додава дека пратеничката и лидерка на ЛДП има одлични позиции во сестринската партија на меѓународен план.

-Очекувам од неа квалитет што ќе биде покажан, посочува тој.

Жерновски за ЛДП смета дека една центристичка партија и како таква е добредојдена во секое општество, кое што сака да биде дел од такво европско општество.

-Дефинитивно сакам нашата држава да биде такво општество, дециден е Жерновски.

За тоа како во иднина ќе се развива партијата под водство на Зајкова, поранешниот лидер на партијата вели дека го проследил синоќешниот конгресот на ЛДП и според него „Зајкова ќе се залага за силна партија која што самостојно ќе ги гради позициите“.

-Дали тоа значи самостоен настап или настап во некој блок, тоа е одлука на самата партија и се одлучува непосредно пред избори и е одлука на самата партија, порачува Жерновски.

Претходно во интервју за Локално, Моника Зајкова изјави дека доколку дојде до предвремени избори на пролет 2023 година, партиските тела ќе одлучат дали ќе настапат самостојно или ќе влезат во коалиција.

-Јас не гледам дека во моментов има клима за предвремени избори. Кризите се менаџираат и не знам на кому би му биле потребни избори кога во време на криза, дополнително да трошиме буџетски средства за организација на изборите. Доколку се процени состојбата дека одиме понатаму кон организирање на избори, тогаш партиските тела и органи се оние кои што ќе донесат одлука дали ЛДП ќе настапи самостојно или ќе коалицира во одредена коалиција, истакна Зајкова.

Н.П.

Слични содржини