Жестоко во Град Скопје: „Арсовска да се моли пред слика на Мицкоски“, „Талат Славески“ го исклучи микрофонот

од Берта Китинска

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на седница влегоа во конфликт откако таа му се обрати со „Талат Славески“, затоа што беше предупредена од првиот човек на Советот да не го споменува името на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи не е присутен во салата.
Славески ѝ ги исклучи микрофоните на градоначалничката и побара од неа да ја напушти говорницата, а потоа ја прекина седницата.

Искрата која доведе до кавгата беше моментот кога Арсовска реплицирајќи му на советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, со широка насмевка рече дека оној што бега од дебати е „шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски“.

„Бега шпицниот градоначалник од дебата се крие Христијан Мицкоски, извинете морам да ви кажам. Пет дебати имаше можност, меѓутоа бега човекот. Што да ви кажам, се плаши“,рече Арсовска од говорницата.

По ова веднаш реагираше претседателот на Советот Славески.

„ Ниту еден лидер на партија или кој било не е поканет на седницата и не може да го барате“,интервенираше Славески вметнувајќи ѝ се на градоначалничката во збор.
„Господине Талат Славески, јас ве замолувам…“,почна Арсовска, по што ѝ беа исклучени микрофоните.

Воедно советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, на денешните советнички прашања во Град Скопје и порача на градоначалничката да се моли пред слика на Христијан Мицкоски.

„Во секоја реченица, градоначалникот употребува со погрдни зборови за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо тоа, таа би требало, да си закачи дома слика од него и да му се моли секој ден, затоа што да не беше тој таа немаше потписи да собере, а не да се кандидира за независен градоначалник. На мапа немаше да можат да ја најдат, да не беше Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како поддршка. Немаше да има 10 луѓе на митинг, да не беше ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Левица. Да не беше Мицкоски, на анкетите беше меѓу последните кои луѓето ги препознаваат, рејтинг имаше од 10 проценти бидејќи 90 отсто не знаеја за кого станува збор“ , рече Андоновски.

Слични содржини