Жителите на Евија одбиваат да се евакуираат, на смена ги чуваат нивните куќи

од Stefanija Kuzmanovska

Жителите на островот Евија се на стража и се решени да останат во своите домови за да се обидат да ги спасат од силните пожари што го зафатија овој грчки остров, и покрај тоа што властите ги повикаа да се евакуираат.

Се очекува грчката влада денеска да објави итни мерки за помош на оние што ги загубија своите куќи и друг имот, но за некои локални жители, напуштањето на домовите во пожар не е опција.

„Полицијата дојде и ни рече да се евакуираме од селото Авгарија, но не можеме, ова е наш имот. Не можеме да дозволиме нашите куќи да изгорат. Спиеме на смени веќе три дена“, вели Јанис Агелопулос (55), сопственик на продавница на северниот крај на островот, според Ројтерс.

Пожарникарите очекуваат попладнево посилни ветрови, што може да предизвика повеќе пожари на овој втор по големина грчки остров, каде што огнот гори веќе осум дена, а други пожари на Пелопонез, исто така, би можеле повторно да започнат.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини во понеделникот за неуспехот да се решат пожарите што изгореа минатата недела во целата земја, а властите брзо работат на утврдување на штетата предизвикана во оваа катастрофа.

Мицотакис денеска треба да претседава со владиниот состанок, кога се очекува да бидат објавени посебни мерки за оние што загубиле куќи, фарми и друг имот, а вчера беше одобрен буџет од 500 милиони евра за помош на Евија и регионот Атика околу главниот град Атина ..

Повеќе од 500 пожари доведоа до евакуација на десетици села и илјадници луѓе, а речиси 1.000 пожарникари, девет авиони и 200 возила беа испратени од други европски земји да и помогнат на Грција.

Слични содржини