Зибери: Опцијата за настава во повеќе смени не може да се изведе во училишта со две смени и паралелки со 30 ученици

од Nikola Popovski

Универзитетскиот професор Башким Зибери оценува дека е доцна МОН да организира успешна учебна година.

„Дефинитивно од моја гледна точка многу доцниме, од многу аспекти реално. Не само од аспект на организација на наставниот процес во основните училишта, средните и универзитетите, туку и за претходна подготовка за успешна школска година“, вели Зибери и додал дека нема можност наставниот план и другите процеси да се прилагодат за три недели.

Тој смета дека опцијата за настава во повеќе смени не може да се изведе во училишта со две смени и паралелки со по 30 ученици.

За опцијата учениците да се поделат во смени, Зибери вели дека е неефикасна, имајќи предвид дека многу училишта имаат само две смени и недостиг на кадар за реализација на 4 смени.

„Многу лесно општина Аеродром може да организира настава во смени, бидејќи имаат една смена. А во албанските зони во Скопје, Тетово, каде голем дел речиси сите основни училишта како и средни имаат две смени, тешко е сега да ги организираш повторно во смени. Бидејќи со едно училиште кое има две смени со по 30 уленици во паралелка треба да се организираат 4 смени во денот, со 20 минутен час, само сериска ротација на учениците. Тоа нема да биде воопшто ефикасно, ќе биде главен елемент за ширење на вирусот, верувајте“, порача Башким Зибери.

Инаку, денеска беше последен рок за усвојување на протоколите за училиштата, меѓутоа од Министерството за здравство информираа дека протоколите од Комисијата за заразни болести ќе се дефинираат утре.

Слични содржини