Зидан: Знаеме што значи кога Реал ја завршува сезоната без трофеј

од Vladimir Zorba

Кога ќе се повлече линијата, излегува дека Реал е најголемиот губитник на целата сезона. Тој беше близу, на чекор, како во Лигата на шампионите, така и во домашното првенство, но остана со кратки ракави и во двете конкуренции.

Сепак, мора да се каже дека повредите го десеткуваа Мадрид во вториот дел од сезоната и дека Зинедин Зидан честопати мораше да го крпи тимот, особено во одбраната.

Кога падна завесата на сезоната, Французинот му честиташе на Атлетикo за освојувањето на титулата.

„Мораме да му честитаме на Атлетикo, затоа што ако тој прв помина низ целта, тоа значи дека го заслужи трофејот“, рече Зидан.

Tренерот на Реал на прес-конференцијата доби три прашања по ред за тоа дали ќе биде на таа позиција и следната сезона.

„Пред сè, сакам да им се заблагодарам на навивачите за поддршката. Горд сум и на играчите, имавме многу потешкотии во текот на сезоната. Најважното не сум јас, туку играчите. И ќе разговарам со челниците на клубот во наредните денови, во мир “.

Секако, Зидан не можеше да се извлече така, имаше повеќе прашања за неговиот статус.

„Суштината е во тоа што не освоивме ништо, а фудбалерите сакаат да креваат трофеи. Денес мора да бидеме смирени, а во наредните денови ќе разговараме за сè. Ќе знаеме многу брзо што ќе се случи. Не само со мене, туку какви се плановите на Реал за следната сезона. Сите знаеме што е Реал и што значи кога годината ќе заврши без трофеј“.

И, на прашањето каде Реал ги загуби шансите за титулата …

„Тешко е да се каже, не верувам дека има специфичен момент. Можеби на домашен терен против Севиља … Тогаш беше важно да се земат три бода, но не успеавме од неколку причини и тоа беше тоа“.

Можеби ова беше последен натпревар на Зидан на клупата на Реал, а можеби и на Рамос, Варан …

„Се надевам дека нема да биде така, се надевам дека и двајцата ќе останат“, рече Зидан.

Слични содржини