Спомнувањето на имињата на претседателите Киро Глигоров и Бранко Црвенковски во негативен контекст на македонската историја е во најмала рака непримерно, имено тие се политичари кои воспоставија политички вредносни критериуми во Македонија и без нивната улога Македонија денеска ќе беше Јужна Бановина во склоп на некоја друга држава, стои во реакцијата на портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов како одговор на обвинувањата на Левица за директорот на КПД, Прилеп Емил Јанески.
Се посочува дека предложените кадри од Движењето ЗНАМ-За наша Македонија за носители на јавни функции се чесни и стручни луѓе кои ги исполнуваат сите законски норми и критериуми за извршување на функциите за кои се номинирани или избрани, вклучувајќи го и Јанески.
-Ги повикуваме господата од Левица, ако имаат индиции дека новоименуваниот директор на КПД Прилеп не ги исполнува условите за таа функција, да поведат постапка пред надлежните институции во државата, во спротивно јавноста ќе смета дека се работи за ефтина дискредитација на личноста.
Доколку Левица продолжи со непристојниот вокабулар, нарекувајќи ги членовите на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија како “криминалци”, ќе следат соодветни постапки за клевета пред надлежните судови во Македонија.
Наша препорака до Левица е да си го преиспитаат политичкото делување, од една страна ја критикуваат владината коалиција, што е во ред, но од друга страна продолжува нивната соработка на локално ниво со истата коалиција и нивното учество во управните одбори на сите локални јавни претпријатија и да ги уживаат бенефициите од локалната власт, истакнува Мемов.
Левица вчера обвини дека Јанески во 2008 година бил аболициран од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски и дека во 2020 година СВР Битола поднела кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и предизвикување штета врз буџетот од препријатието во висина од 2,3 милиони денари додека бил директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп.
-ЗНАМ го карактеризираа како човек без дамка во минатото, кој токму како началник во 2007 година насилнички демолираше локал и за овој чин насилникот-повтореник беше осуден, за после година дена, покрај негативното мислење од Министерството за правда, тој да биде аболициран од страна на Бранко Црвенковски.
Левица повторно јавно ја повикува Владата на ДПМНЕ, да не дели директорски функции на кадрите од СДС којашто сама ги нарекуваше криминални – да ги достави документите за нивното криминално работење до Обвинителството и овозможи фер и транспарентна постапка да се докаже дали и за колку е оштетен народниот Буџет, велат меѓу другото од партијата на Апасиев.