Зошто Амстердам не сака странци во кофишоповите?

од Vladimir Zorba

Амстердам разгледува нова регулатива, со која ќе им забрани на туристи да посетуваат места, каде се сервира марихуана.

Целта е да се најде начин да се постигне подобар баланс во квалитетот на животот на локалното население, во позадина на туристичката плима, пишува Си-Ен-Ен.

Идејата доаѓа по истражувањето на млади туристи, спроведено од градоначалникот на градот, Фемке Халсема, кое покажа дека повеќе од половина доаѓаат во холандската престолнина токму затоа што сакаат да ги посетат гореспоменатите установи, популарно познати како „кофишопови“.

Студијата ги истражува најпопуларните причини за туристички посети на Амстердам, како и „што би се случило со желбата на туристите да го посетат Амстердам ако еден или повеќе од овие фактори се намалат или исчезнат“.

Амстердам веќе некое време се обидува да ги идентификува проблемите со големите туристички гужви што го преплавуваат градот.

Скоро 57% од анкетираните туристи индицираат дека кофишоповите се важна причина за одлуката да го посетат градот.

34% рекле дека нема да доаѓаат во Амстердам толку често ако немаат можност да ги посетат овие „институции“, а 11% директно велат дека воопшто нема да одат во градот.

Во писмото до општинските советници испратено пред изборите во јули 2019 година, Халсема рече дека кафулињата каде се служи марихуана може да го стават „квалитетот на животот во градот под притисок“.

Промена во Амстердам

Истражувањето, спроведено во август 2019 година, ги доловува погледите на 1.100 странски посетители на возраст меѓу 18 и 35 години кои го посетуваат квартот на „Црвените фенери“ во Амстердам, област во градот што стана предмет на нови идеи за регулирање на туризмот.

Со стапување во сила на 1 април 2020 година, новите мерки ќе ги регулираат групните обиколки во соседството, забранувајќи ги по 22:00 часот. Покрај тоа, групните тури на места како што се тесни мостови ќе бидат забранети.

Секој водич ќе биде казнет со 190 евра ако ги прекрши правилата.

Анкетата ги прашува туристите дали се подготвени да платат такса за да влезат во средновековниот стар дел на градот, кој е дом на озлогласениот кварт на „Црвените фенери“. 32% од испитаниците рекле дека ќе престанат да доаѓаат, а 44% рекле дека ќе ги намалат посетите доколку има такса.

Во секој случај, истражувањето покажува дека кофишоповите се поатрактивни за странските туристи од квартот на „Црвените фенери“.

Само 1% од испитаниците рекле дека проституцијата е причина да го посетат Амстердам.

Во меѓувреме, дури 72% признаваат дека присуствуваат во кофишоп за време на нивниот престој во градот.

Контролиран туризам

Новинарката Изабел Герецен, која е израсната во Амстердам, има забелешки од прва рака за ефектите од масовниот туризам.

„Разбирливо е дека луѓето од Амстердам сакаат да го задржат својот прекрасен историски центар, како и да ги извршуваат своите дневни задачи без постојано да се соочуваат со туристите“, вели таа.

Според неа, идејата за воведување ограничувања во овие кафулиња е дел од мерките насочени кон зачувување на центарот на градот како културно богатство, наместо да станат забавен парк за туристите што пушат трева.

„Но, сите овие мерки се ризични, бидејќи Амстердам е познат ширум светот по своите толерантни политики за лесни дроги. Ова може да доведе до пад на туризмот“, вели таа.

Општините во Холандија имаат различни правила за кофишоповите, а дискусиите за ограничување на странците не се од вчера.

Дебатата се вжешти во 2011 и 2012 година, кога Амстердам беше против наметнување на ваква политика низ целата земја.

Денес има забрана за странци во Мастрихт, кој се наоѓа во јужниот дел на земјата.

Холандија има чудна политика за марихуана затоа што трговијата е легална наспроти производството.

Една нова студија покажува дека ограничувањата на кафулињата не мора да доведат до пад на посетителите или употреба на канабис.

29% од испитаниците рекле дека ќе пронајдат други патишта за да ја задоволат желбата за марихуана, принудувајќи го локалното население да купува во нивно име или преку улични дилери.

Во писмото до градскиот совет по анкетата, Халсема рече дека градската власт треба да се фокусира на тоа „да ја намали привлечноста на канабисот за туристите“ и да го направи пазарот за марихуана потранспарентен.

Анкетата, сепак, покажува дека најчеста причина за посета на Амстердам не се кафулињата или квартот на „Црвените фенери“, па дури ни музичките и културните места.

Излегува дека желбата да се шетаат пеш или со велосипед низ градот е водечка причина за туристите.

Слични содржини