Зошто е важно да им се помогне на сите македонски компании кои континуирано инвестираат на пазарот ?

од Vladimir Zorba

Вкупно 160 милиони евра, преку 29 мерки се алоцирани во сите сектори во економијата, или главно кон оние кои според владата се најпогодени од кризата. Така, според одлуката на владата, петтиот пакет мерки ги опфаќа компаниите од дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организирање настани, приватни здравствени установи и други, а со мерката исплата на плати се опфатени околу 60 илјади вработени. Мерките се дизајнирани за потребите на стопанството, но сепак и со овој пакет не се опфатени компаниите од тешката индустрија и металуршките компании.

Со оглед на обемот, параметрите и индексите, овие компании најмногу придонесуваат кон одржување на активноста и виталноста на македонската економија. Но, во кризната година откако не се опфатени со мерките во ни еден од петте владини пакети за помош, излегува дека оваа индустрија е оставена сама на себе и е самоодржлива во буквална смисла на зборот, без ни малку помош.

Дали овие компании од индустријата за основни метали со учество во вкупниот национален извоз од 16% не се доволно важни за македонската економија?! А за тежината од нивната оперативност доволно е да се каже дека производството на основни метали во создавањето на БДП директно учествува со 5,7%, додека пак гледано индиректно, преку мултипликативните ефекти врз вкупната економија, учествува со над 33.5% во националниот БДП.

И исто толку важно, бројот на вработените во оваа индустрија е повеќе од 6 000 лица, односно повеќе од 15 000 лица вклучувајќи ги поврзаните дејности, што всушност е една четвртина од оние 60 илјади вработени кои се опфатени во мерката исплата на плати.

Значењето на овие индустрии за македонската економија несомнено е големо. Целта на мерката за субвенционирање плати, дел од овој пакет е стимулирање на компаниите да растат и да покажуваат добивка, а она што е новина во овој пакет е тоа дека доколку компаниите одлучат да ги инвестираат тие пари тогаш нема да мора да ги вратат во буџетот.

Сепак, компании како Макстил кои инвестираат во нови технологии, во модернизирање на процесите и во зголемувањето на безбедноста на своите вработените, кои вработуваат секоја по минимум 1 000 лица, секоја со просечна годишна вредност на извозот во стотина милиони евра, со значајно учество во вкупниот извоз на земјата, како и во вкупната бруто додадена вредност на економијата на земјата, и кои со својата работа дополнително го поттикнуваат раздвижувањето на поврзаните индустрии и дејности, не се опфатени со економските мерки за олеснување на последиците од Ковид кризата, а секако се погодени и мерат големи загуби.

Се наметнува прашањето – дали овие дејности со вакви оперативни вредности навистина не се суштински или недоволно корисни за националната економија и дали ваквите показатели не се доволна причина еднакво да бидат опфатени со антикризните мерки, со што несомнено би се подобрила нивната позиција и целокупниот ефект врз националната економијата.

Слични содржини