Зошто Маск се пресели од Калифорнија во Тексас? Постојат повеќе од 2 милијарди причини!

од Vladimir Zorba

„Го продавам целиот мој материјален имот, нема да поседувам куќа“.

Според стандардите на Елон Маск, овој твит од мај 2020 година не е ни толку чуден.

„Материјалното ве влече назад“, рече тој неколку дена подоцна, наведувајќи ги неговите седум домови во Калифорнија.

Во декември, тој рече дека се сели во Тексас. Неговата фондација го следеше, а наскоро тоа ќе го направи и Tesla, пишува „Блумберг“.

Неговите постапки, кои на почетокот изгледаа како страст за скитање на еден милијардер – или незадоволство од Ковид ограничувањата во Калифорнија – сега изгледаат повеќе како добро осмислена стратегија во очекување на огромни даночни обврски.

Продажбата на имот во Калифорнија му овозможува на извршниот директор на Tesla да изјави дека повеќе не е жител на државата – која пак е дом на највисоките даноци на доход во САД.

Најмалку пет од имотите се продадени на купувачи кои позајмиле пари за да купат од самиот Маск.

Досега, овој потег му заштеди на најбогатиот човек на светот повеќе од половина милијарда долари во даноци, според проценките на Bloomberg News. Кога ќе ги продаде најавените 10 проценти од акциите во Tesla, преселбата во Тексас ќе му заштеди 2 милијарди долари.

Маск (50) ужива многу поповолни услови во Тексас: државата не наметнува данок на капиталните добивки или приходи.

Милијардерот, кој поседува богатство од 296 милијарди долари, со години избегнува даноци земајќи заеми во однос на неговите акции во Tesla. Од декември 2020 година, документите покажуваат дека различни банки му одобриле вкупно 515 милиони долари. Бројот на акции што ги заложил покажува дека можеби позајмил уште неколку милијарди.

Последен пат, кога Маск продаде акции пред овој ноември, беше во 2016 година.

„Стратегијата за заем на капитал е добро позната и често ја користат најбогатите во САД. Камати за кредити има, но се многу поевтини од даноците“, вели експерт.

Маск продал акции во вредност од речиси 10 милијарди долари во изминатиот месец. Некои од продадените акции се резултат на практикување на опции и нема данок на нив. Но, тој продаде вкупно 5,4 милиони акции што претходно ги поседуваше на кои треба да плаќа данок. Агенцијата проценува дека тој веќе должи 1,35 милијарди долари. Доколку Маск продаде целосни 10 отсто од својот удел, без да ги брои опциите, вкупната даночна сметка би била 4,35 милијарди долари.

И ова се само федерални даноци. Калифорнија додава уште 13,3 отсто на сметката – или 2,4 милијарди долари доколку Маск не ја напушти државата.

Се разбира, ова не е прекршување на законот. Но, Кристобал Јанг, професор на Универзитетот Корнел, го поставува прашањето за моралот во таквиот потег.

„Калифорнија му даде пристап до талентите што му беа потребни за да ја изгради компанијата“, рече тој.

Гувернерот Гевин Њусом, исто така, ја забележа улогата на Калифорнија во успехот на Маск – „иновациите и политиките кои поддржуваат чиста енергија го отворија патот за Tesla“, рече тој.

Слични содржини