Зошто Србија се вооружува и по која цена?

од Stefanija Kuzmanovska

Изостана „изненадувањето“ кое на народот му го најави српскиот претседател Александар Вучиќ во пресрет на посетата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во Белград. Шојгу дојде во Србија без противвоздушниот ракетен систем „Панцир С1“, кој Србија го купи од Русија, пишува „Радио Слободна Европа“.

Причините за ова, според воениот аналитичар и уредник на порталот „Балканска безбедносна мрежа“, Александар Радиќ, треба да се бараат во Москва.

„На белградските власти им е потребна слика за јавноста, но Русите можеби не ја делат таа емоција. Можеби во моментов ним не им е потребен овој вид на маркетинг , вели Радиќ.

Тој истакнува дека оружјето и воената опрема се купуваат со пари од буџетот, односно дека го плаќаат граѓаните на Србија.

„Договорот за „Панцир С1“ е комерцијален, ние плативме и треба да го добиеме тој систем за модернизација на нашата војска, и тоа е во ред, но тоа се плаќа со парите на народот. Тоа е средство што треба да влезе во вооружувањето на Армијата на Србија, а не е дел од нешто што може да го има секој, индивидуа или партија“ – појаснува Радиќ.

Зошто Србија купува оружје?

Трендот на зголемено трошење во одбраната е забележлив уште од 2016 година, изјави истражувачката од белградскиот центар за безбедносна политика, Катарина Џокиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ), додавајќи дека не станува збор за нови предизвици и безбедносни закани, туку дека набавката на оружје и воена опрема има за цел да ја модернизира војската.

„Не мора да значи дека се препознаени било какви предизвици и закани, туку препознаена е потреба да се „закрпи Армијата“. Од друга страна, целата приказна за трката со вооружување е малку претерана и опасно е да се наседне на сите тие сензационалистички натписи, бидејќи сите земји имаат свои причини за купување на одредени, и тоа многу мали количини оружје“, истакнува Џокиќ.

Војската како средство: Купување на политичка наклонетост

Радиќ исто така смета дека на српската армија и е потребна модернизација, но напоменува дека актуелната влада во Србија тоа го користи и за политички цели.

„Мислам дека сегашната власт ја користи набавка на оружје како едно средство за купување на политичка наклонетост од сојузништвото“, вели Радиќ.

Оружјето и опремата јавни, а цените тајни

„Индивидуалната цена на неодамна купените седум хеликоптери од Русија е повеќе од 10 милиони, а помалку од 20 милиони“, изјави Вучиќ во декември 2019 година откако авионите беа прикажани на воениот аеродром во Батајница.

Колку Србија навистина плаќа за воената опрема од Русија и за ремонт на руското користено оружје и воена опрема, како и колку вредат руските донации за српските вооружени сили – се прашања на кои официјалните институции и претставниците на извршната власт никогаш не дадоа конкретен одговор.

Одржливост на набавките за оружје од Русија

Честите набавки на оружје од Русија предизвикаа загриженост и во Брисел и во Вашингтон, а во ноември 2019 година на ова реагираше и американскиот специјален претставник за Западен Балкан Метју Палмер, не исклучувајќи ја можноста за воведување санкции за Србија за набавка на руска воена опрема.

Политиката за набавка на оружје од Русија, и покрај критиките од Европската унија и САД, е одржлива, но само под еден услов, смета Џокиќ.

„Мислам дека политиката е одржлива доколку Србија е искрена во врска со нејзините намери. Значи, треба да ги разделиме таа надворешно-политичка компонента на односите со Русија и едната компонента која се однесува на чисто воена соработка и каде што Србија има одредени причини да набавува оружје од Русија “, заклучува таа.

Слични содржини