Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски во обид да си ја спаси својата фотелја од притисокот на жителите во сопствената општина, излегува на прес конференции и манипулира со нив, потикнувајќи ги тие да му ја водат битката за лошото менаџирање со општината.
Министертвото за транспорт и врски најостро ги демантира тврдењата на Жерновски за изградба на објект во висина од 100 метри на местото на бараките каде што се наоѓа Град Скопје. Јавно го покануваме Жерновски да објави конкретен документ на Владата на Република Македонија или Министерството за транспорт и врски со кој ќе ги потврди констатациите дека на конкретната локација ќе никне објект со висина од 100 метри.
Во спротивно задолжително да им се извини на сопствените жители и да престане да манупулира со нив.
Жерновски денеска на прес конференција излезе со тврдење дека Владата на Република Македонија планира уништување на зеленилото во градскиот парк со наводната изградба на 100 метарски објект, а всушност посочи кон бараките во кои е сместена администрацијата на градот Скопје, што претставува изградено и реализирано градежно земјиште, а не парк и зеленило, со што самиот себе се демантираше.
Владата на Република Македонија, во изминатиот период ниту еднаш не презема активности ниту реализираше било каква градба, со која би го нарушила на зеленилото во градскиот парк.
Напротив, во 2012 година донесен е нов генерален урбанистички план на град Скопје, согласно кој целата површина на градскиот парк во Скопје е предвидена со намена „Парковско зеленило“, кое пак согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање во иднина не може да биде променето и на тоа место да се градат објекти, за било чиј интерес. Со ова максимално се заштитува зеленилото во градскиот парк.
Министерството за транспорт и врски уште еднаш јавно го повикува градоначалникот на општина Центар, кој покажа „огромни заложби“ за зголемување на зелените површини во општина Центар, да го прифати предлогот на Министерството и наместо изградба на општинската зграда, на тоа место да предвиди нов парк и зеленило.
Министерство за транспорт и врски