Средношколците од Прилеп формираа свој пленум кој има јасно дефинирани цели, исти како и другите средношколци од земјава. Прва активност на прилепскиот средношколски пленум ќе биде марш кој ќе се одржи во среда, 1 април, со почеток во 12:45.

„Цврсто стоиме на барањето за укинување на предметот Математика како задолжителен предмет од државната матура и враќање на стариот концепт на полагање на државна матура и промена на законот за екстерно тестирање“, посочуваат од овој Средношколски пленум.

Под слоганот „Стоп за лошите реформи во образованието“, маршот ќе започне пред камената бина во центарот на градот во 12:45, а ќе заврши пред канцелариите на подрачното одделение на Министерството за образование, наука и култура.

„За таа цел, ги повикуваме сите средношколци да излезат и да кажат НЕ за лошите реформи кои од средношколците прават експериментални глувци и да го искажат својот став за подобро и поквалитетно образование во Република Македонија. Исто така. ги повикуваме и родителите, студентите, невладините организации, граѓанските активисти и здруженија и сите слободоумни граѓани да ни се приклучат и да дадат поддршка за враќање на квалитетот на образованието и добивање на достојни услови за подобро образование“, соопштија од Средношколскиот пленум од Прилеп./+Инфо

Слични содржини