Името ми звучи многу познато. Со името Коста Крпач се сретнав уште во Основно, некаде кон крајот на педесеттите во минатиот, 20-ти век. Во тоа време, во основните осмугодишни училишта atanas-vangelov1доаѓаа главните литерутурни списанија во РМ како, на пример, „Современост“ и „Млада литература“ која згасна кога се роди модернистичкиот „Разгледи.“ Кога го добив престижното место библиотекар на училишната библиотека, можев да прегледам многу броеви на „Современост“ и „Млада литереатура“ кои, најверојатно, им биле наменети на наставниците.

Тогаш и ми се врежа во сеќавањето името Коста Крпач. Беше едно време главен уредник (или само уредник?) на списанието „Млада литература“ во кое ги објавуваа своите песни и раскази тогашните студенти Благоја Иванов, Матеја Матевски, Анте Попоски, Коста Крпач но и веќе познатите, „етаблирани“ писатели, кои имаа објавено книги стихови: Гане Тодоровски и Србо Ивановски. Сите тие млади поети групно поминаа во „Разгледи“ како подлисток на “Нова Македонија“ кој стана бастион на македонскиот модернизам.

Коста Крпач од тоа време беше нешто како прва ведета на тој модернизам. Имаше најмногу и најдолги песни во „Млада литература“ која го крена својот воинствен бајрак – “поинаква“ литература наспрема онаа која ги следеше каноните на социјалистичкиот релизам уште од времето на Харковскиот конгрес (1934) на советските писатели. Главна парола на таа „поинаква“ литература беше „слобода на уметничкото творештво.“ Нешто подоцна, еволуира во „естетски плурализам“, најверојатно адаптација на кинеската формала “нека цветаат сите цветови“.

Кога би сакале, сосем кусо и јасно, да ги определиме главните својства на модернистите на една и на реалистите на друга страна, би можеле да речеме: првите, модернистите, почнаа да се занимаваат со – светот во човекот; вторите, соцреалистити кои, по Људљанскиот реферат на Мирослав Крлежа (1952) го тргнаа од себеси она „соц“ за да го задржат само „реалисти“, се занимаваа со – човекот во светот. Првите, во духот на времето, почнаа да ја следат и бранат уметничката техника „тек на свеста“ која се врзуваше за Џојс, Фокнер и Хемингвеј. Вторите држеа до континуитет во нарацијата, јасност во изразот и каузалност на сликите во текст наспрема „шок-сликите“ без ред и поредок во писмото на модернистите кои Германецот Хуго Фридрих ги врзуваше со лириката на Бодлер и Рембо

Кога, кон средината на педесеттите, главните писатели од јадрото на „Млада литература“ станаа познати писатели (Солев, Матевски, Попоски, Иванов), бргу се најдоа во “таборот“ на либералните комунисти чија главна оска стана Крсте Црвенковски. Тој, наводно, на партиски конгрес издејствувал да се најде, во документ на КПЈ, формулата за „творечките слободи“ во областа на уметностите. Меѓу тие имиња го немаше веќе името Коста Крпач. Просто исчезна еднаш за секогаш од македонската литературна мапа. Како и имињата на други тогаш млади писатели: Верољуб Андоновски, Борис Наумовски, Н. Вангеловски итн.

Многу подоцна, некаде во седумдесетите, можев да го видам „во живо“ некогашниот ултрамодернист Коста Крпач. Доаѓаше поверемено кај „Јоле и Почу.“ Во тоа време важеше за светилиште (храм) на интелектуалната и уметничка, нонкомформистичко-боемска авангарда. Коста работеше во “Вардар-филм“. Беше нешто како референт за медиумски пласман на продукцијата на таа куќа во времето кога, од „Нова Македонија“, поетот Анте Поповски помина во „Вардар-филм“. Нешто подоцна, кога станав професор по “Нова хрватска литература“, се појави и во мојот кабинет на Филолошки факултет. Одвај се осмели да каже која мака го натерала да доаѓа кај мене. Кога, најпосле, го извади својот индекс со сиви корици од педесеттите, се покажа дека го немал положен испитот по “Нова хрватска литература“ од времето кога студирал. Рече дека му требало оценка во индексот. „Заради внучињата“, процеди тивко, одвајчујно.

Ете, тоа се настаните и времето со нивниот, сега, главен актер Коста Крпач кој се самубил според една прва верзија, откако пред тоа пукал во некое комбе пред зградата во која живеел. И тој актер кој се самоубил (или го убиле?) се вика, како и оној за кој зборувам, Коста Крпач. Се работи за едно од „внучињата“ по директна или индиректна линија на некогашниот ултрамодернист Коста Крпач? Има основа така да се мисли затоа што сегашниот Коста бил академски сликар. Тоа упатува на помисла дека е некој наследник на уметничка жичка иако таа, кај неговиот преткохдник по крв, не дошла до полн израз.

И факторот „контекст“ придонесе брзо да го врзам името на самоубиениот (или убиен?) Коста Крпач со оној Коста кој ми се врежа во сеќавањето уште од времето на „Млада литература“. Деновиве, од свои причини, ја препрочитувам лириката на Владимир Мајаковски и Сергеј Есенини. Тоа се двајца знаменити руски поети кои го окончаа својот живот со самоубиство. Прв го стори тоа Есенин, по сломот на неговата врска со ирската балерина Исидора Дункан. По тој повод Мајаковски напиша една песна-критика на гестот на Есенин. Во песната рече: „да се живее не е ново (цитат од пртсмртна песна на Есенин), но и да се умре не е поново“. Таа песна му послужи на Мајковски да објасни “как сдедлать стихи“ (како се прават стихови) во една знаменита торетска расправа за духот на лириката.

Зошто ги пишувам овие редови? За да потсетам дека секое самоубиство (ако се работи за тоа во случајот на сегашниот Коста Крпач) има или некоја своја логичка, или афективна мотивација. Првата може да се осветлува и разјаснува. Втората никако, затоа што е длабко интимна. Така зборуваше за тоа Ками.

Атанас Вангелов – Фејсбук статус

Слични содржини