Сепак тоа е стара идеја, уште од 1996 , од времето на Папандреу и е со добра цел
Најавите на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас за можен договор со Македонија во однос на формирање на заедничка експертска комисија каде, според Коѕијас, би се отстранеле иредентистичките поими во учебниците и на географските карти, од Министерството за надворешни работи ги демантираат.
Оттаму се наведува дека шефовите на дипломатиите на двете земји на средбата во Њујорк не разговарале за формирање на некоја заедничка комисија, туку оти треба да се работи на надминувањето на историските предрасуди и дека најпрво за тоа треба да дискутираат експерти од двете земји.
„Она за што е разговарано на состанокот во Њујорк помеѓу Димитров и Коѕијас е во насока на иницијативата на Република Македонија од 2007 година за средба на историчарите од двете земји. На состанокот во Њујорк соговорниците се согласија дека треба да се работи на надминување на историските предрасуди на Балканот во интерес на соработката и на заедничката европска иднина. Двајцата министри во оваа фаза разговараа за средба на експерти од областа на историјата, а не за формирање заедничка комисија.“ – соопштуваат од МНР
Во насока на решавање на недоразбирањата оди и изјавата на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, но и таа не зборува за договор меѓу двете земји за поими во учебниците.
Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, во изјава за медиумите спомна и рокови до кога треба да се формира комисијата која според него треба да почне со работа во ноември оваа година и во рок од четири месеци да излезе со конкретни резултати.
„Се договоривме да формираме заедничка комисија од ноември оваа година, која во рок од четири месеци треба да ја заврши својата работа, ќе ги отстранат иредентистичките поими во учебниците и на географските карти. Ова е многу важен чекор, а ќе следат и други чекори за кои веќе разговаравме.“ – изјави Никос Коѕијас, министер за надворешни работи на Грција
Средбите меѓу Скопје и Атина за решавање на разликите околу името поради кои се блокирани интегративните процеси на Македонија кон ЕУ и НАТО добија на интензитет со новата Влада.
Но на сите овие тврдења и непрецизности надоплнуват дипломатот од кариера , амбасадорот Љупчо Арсовски, која вели заедничка Комисија за прочистување на иредентизмот е стара идеја со добра цел
“Афирмација на идејата за заедничка Комисија од експерти за прочистување на иредентизмот од учебниците е еднострано ново грчко изненадување, иако е стара идеја. Како предлог е пласирана и 1996 година на мојата протоколарно-работна средба со тогашниот грчки министер за образование и религија Јоргос Папандреу. Тогаш, тоа се преточи во балканска форма во рамките на процесот за соработка меѓу земјите на ЈИЕ” – вели за Фактор, Љупчо Арсовски, првиот амбасадор на Македонија во Грција.
Тогашна задача според него требало да биде бришење или преформулација на разни изрази и зборови кои внесувале збунетост и лоша едукација кај младите поколенија на кои ќе им припадне Балканот.
“Беа формирани комисии во неколку балкански земји и се разменија учебници по историја, но, и по географија. Но, до некој резултат од различни причини не дојде. Во денешниве услови за младите особено ова ќе значи одбременување, релакс при комуникацијата од секаков вид, патувања, пријателства и сл. Таков позитивен приод доведува до зближување на народите од двете страни на која било граница и генерално за регионот”-вели Арсовски.
Поранешната власт во земјава, оценува поранешниот амбасадор, цели десет години не направила исчекор за подобрување на комуникацијата меѓу двете земји, што значи изгубено време и можности.