Како што пишува порталот, првите тројца осомничени во 2010 година отпатувале во Лондон и договориле набавка на опрема.
Како што пишува порталот, првите тројца осомничени, Мијалков, Јакимовски и Грујовски, во 2010 година отпатувале во Лондон и договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа. Но, наместо набавката да оди директно преку Министерството, осомничените функционери ја вклучиле и компанијата „Финзи“ како застапник на МВР.
Според Специјалното јавно обвинителство, „Финзи“, откако ја презела набавката во свои раце во договор со УБК и МВР, увозот на опремата го фактурирала по двојно поскапа цена. СЈО истражува како „Финзи“, која во тоа време немала ниту еден вработен, а ниту пари за да ја набави опремата, била одбрана за партнер во МВР, зошто воопшто имало потреба од посредник во зделката, каде завршиле парите со коишто е директно оштетен буџетот за 860.000 евра.
„Финзи“ е компанија во сопственост на фирма од САД, додека фирмата од САД е поседувана од фирма во Кипар. Прв директор на оваа фирма е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, последен беше Коста Крпач, сведокот на СЈО кој се самоуби.
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и бившиот помошник министер во МВР и член на Управен одбор на Телеком, Небојша Стајковиќ се осомничените во случајот „Трезор“, дознава порталот Нова ТВ од судски извори.