Воведување казнени одредби од најмалку три и пет години затворска казна за оние лица што ќе прикријат информација или ќе дадат лажни информации за постапките по кои ќе работи специјалниот јавен обвинител, побара пратеникот Павле Трајанов, како амандман на законот за специјален јавен обвинител, на расправата во Комисијата за политички систем и односи со заедниците. Амандманот беше одбиен од предлагачите на законот, со образложение дека вакви казнени одредби се предвидени со други закони.
– Има решенија кои треба да се преработат, но со оглед на времето и важноста на специјалниот јавен обвинител, битно е да се одредат вакви казнени одредби – изјави Трајанов.
Поддршка на амандманот му дадоа Роза Топузовска-Каревска, Лилјана Поповска и Солза Грчева.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на почетокот на комисиската седница го образложи законот и рече дека со негово спроведување, ако досега сме живееле во магла, конечно ќе излеземе од неа.
Поддршка на законот даде и Артан Груби од ДУИ, кој рече дека и неговата партија го поддржува законот и предлогот за кандидат за специјален јавен обвинител, кои се донесени консензуално.
Независната пратеничка Солза Грчева во говорот истакна дека законот има огромен број грешки и не е донесен консензуално, туку „од масонска ложа“, собрана од четири политички партии кои ја кројат судбината на македонските граѓани.
– Ова што се случува денеска, за жал, не дава надеж дека пред 24 април нешто во државава ќе се смени на подобро – изјави Грчева.
Предлог-законот помина на Комисијата за политички систем и односи со заедниците и во моментов се разгледува на седница на Законодавно-правната комисија.