Стратешка определба на Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес е полноправно членството во ЕУ и НАТО, наведува СДСМ во денешното соопштение до медиумите.

– На тој евроинтеграциски пат, новата реформска Влада предводена од СДСМ одлуките ќе ги носи преку инклузивен процес и сите стратешки прашања ќе се решаваат во конзензус со опозицијата, широката јавност и граѓанското општесто, а ќе бидат конечни на референдум на кој ќе се изјаснат граѓаните, велат од СДСМ.

Според нив, наместо преку тајно преговарање како што правеше ВМРО-ДПМНЕ, стратешките одлуки ќе се носат преку инклузивен процес.

– ВМРО-ДПМНЕ работеше против државните и национални интереси со блокадите што ги направи на демократските реформи и евро-атлантските интеграциски процеси, се наведува во соопштението.

Од СДСМ посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ треба час поскоро да престане да измислува нови лаги и манипулации на оваа тема и целата енергија да ја насочи кон конструктивно делување и вклучување во реформските процеси што следат, за доброто и иднината на граѓаните и државата.

Слични содржини