Претседателот на САД Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел денеска телефонски разговараа за Сирија и за Украина, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест.обама меркел

Тој наведе дека двајцата лидери изразиле загриженост од зголемувањето на насилството во Сирија, а потоа разговарале за ситуацијата во Украина.

Претходно, Меркел телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин на истите две теми.

Како што соопшти Кремљ, двајцата лидери се согласија за „обновување на напорите за целосна примена на договорите од Минск за прекин на огнот“ во источниот дел на Украина. Тие договориле и идни средби на различни нивоа во нормандиски формат и се согласиле дека е потребно да ги синхронизираат напорите за наоѓање решение за украинскиот конфликт.

Зборувајќи за Сирија, Меркел и Путин повикале за обединување на напорите за прекин на огнот во Сирија врз основа на договорот меѓу Русија и САД.

Путин нагласил дека е од големо значење исполнувањето на ветувањата од страна на американските партнери за разграничување на умерената опозиција од терористичките групи.

Слични содржини