Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска на прес конференција ја откри вистината за тоа што планира актуелната власт да прави во Градски Парк. Го праша премиерот Груевски, дали посебен интерес, за него, е хотел од 100 метри?
Во продолжение, Ви го пренесуваме текстот од прес конференцијата интегрално:
Аферата со владината узурпација на земјиштето во Општина Центар и скриените бизнис интереси на оваа власт почнува да достигнува фрапантни размери. Во понеделникот откривме дека за актуелната власт, градби од посебен интерес се обични стамбени згради. Сега ќе видите дека со задоволување на апетитите на криминалната Влада на Груевски, градби од посебен интерес се и луксузни хотели.
На 21 јули, во текот на летните одмори, Владата донела одлука дека земјиштето позади нас, на кое се наоѓаат бараките на Град Скопје, се прогласува како земјиште за градби од посебен интерес. По истиот криминален метод како со парцелите на ПУИГ, Владата си ја присвојува оваа атрактивна парцела во паркот со димензија од 218 метри должина и 28 метри ширина. Целиот овој потег не се ни догледува од ова место. Внимавајте, на оваа парцела е предвидена градба од посебен интерес – Хотелски комлпекс, означен со маркица Б4. Повторно го прашувам Груевски, чиј посебен интерес е хотелскиот комплекс кој го планира тука? Дали е тоа од општ интерес на граѓаните на Скопје или на градежната мафија, која тој ја контролира?
Нашите информации говорат дека на ова земјиште се подготвува, не обичен хотел, туку градба долга и робусна како Кинески ѕид. Го повикувам Груевски веднаш да одговори, дали е точно дека на овие 6104 м2 се планира хотел висок 30 ката и долг повеќе од 100 метри? Господине Груевски, дали сте воопшто свесен какви последици би имала оваа градба по здравјето на граѓаните? Господине Груевски, дали сте свесен дека заради вашата лакомост ваквата градба ќе го засени паркот, ќе го сопре природното струење на водухот и ќе го уништи целиот концепт на овој дел од градот? Дали криминалните бизнис апетити се поважни од здравјето на луѓето?
На минатата прес конференција споменав дека ќе ја откријам вистината за нов “Кинески Ѕид“. Оној постојниот “Кинески Ѕид“, граден од Виолета Аларова од ВМРО – ДПМНЕ, е висок 20 метри, а овој, според информациите, ќе биде висок 5 пати повеќе, или 100 метри.
Ова што се случува во општина Центар веќе не е проблем само на Центарци, туку на сите граѓани на Скопје и пошироко. Овој парк го носи името Градски Парк и со ваква градба би бил целосно уништен, да не речам, неупотреблив.
Дополнително, деновиве до нас пристигна и документација која потврдува дека на идентичен начин Владата присвоила и други земјишта на територија на општина Центар. Ќе ги објавиме овие податоци, но како што тргнал Груевски, очигледно планира да го одземе целото земјиште на општината преку класичен криминал и незаконски одлуки.
Јас како градоначалник на Центар, ќе направам се’ за да го спречам ова. Му порачувам на Груевски дека отворивме војна против него и градежната мафија, против сите кои сакаат да профитираат буквално на семтка на здравјето на граѓаните.
Покрај инстутиционалната борба што ќе ја водиме како општина, повикувам на масовен граѓански отпор против ваквото градежно насилие на власта. Ова мора да прекине и овие градби не смее да се градат. Утре е закажана првата средба со невладините организации и граѓаните на која ќе се договориме како и преку кои механизми ќе се спротиставиме на овие незаконски и криминални одлуки.
Новинарски прашања и одговори
Прашање: Кои се конкретните чекори кои можете да ги преземете за да ги заштитите интересите на граѓаните?
Одговор: Има само еден чекор. Владата да го врати градежното земјиште на општина Центар, за да не биде општина Центар единствена општина која го нема во владение ова земјиште. Во тој случај, ниту ќе има станбена зграда од “посебен интерес“ кај ПУИГ, ниту ќе има катна гаража, ниту ќе има хотелски комплекс во Градски Парк. За враќање на земјиштето ние ги исполнуваме сите услови, иако добивме допис од Министерството за транспорт и врски дека наводно не сме ги исполнувале.
Прашање: Како го утврдува владата посебниот интерес?
Одговор: Од посебен интерес можат да бидат болници, училишта, градинки, но не и хотелски комплекси, катни гаражи или станбени објекти. Градежната мафија на Груевски царува.
Прашање: Имате ли сознанија кој ќе го гради и чив ќе биде хотелот во Градски Парк?
Одговор: Немам сознанија кој би го градел и чиј е, но тоа не е ни битно, туку за кого се овие уредби. Владата тоа го овозможува. Затоа ги повикувам сите невладини организации и сите граѓани да се бориме со оваа узурпација.
Прашање: На овој простор прво било планирана катна гаража, а заврши како хотелски комплекс.
Одговор: Точно е. Овдека беше планирана катна гаража, па сега владата го прогласи за објект од посебен интерес за да може да се гради хотелски комплекс. Зошто? Затоа што таму се парите. Уште еднаш сакам да повторам, ниту планирам, ниту ќе градам општинска административна зграда, а целото зеленило останува. Министерството за транспорт и врски ми порача: на местото на општинските бараки да направам зелен појас. Јавно прифаќам тука да има зелен појас, но не само тука, туку и кај ПУИГ. Да си подадеме рака, да го договориме ова, во интерес на граѓаните.
Прашање: На социјалните мрежи имаше предлог да се прогласи мораториум за градење во Дебар Маало.
Одговор: Ние сме на иста страна. Да нема градежни активности и да остане зеленилото