Лидерите на НАТО денес ќе ја прошират примената на клаузулата за колективна одговорност, односно член 5 од основачкиот договор на НАТО „сите за еден, еден за сите“, така што членките на Алијансата се подготвени да одговорат и на напади во вселената, рече денес Јенс Столтенберг, Генералниот секретар на НАТО.
Членот 5 од основачкиот договор на НАТО вели дека нападот врз кој било од 30-те сојузници ќе се смета за напад врз сите нив. Досега, тоа се применуваше само на повеќе традиционални воени напади на копно, море или во воздух, а неодамна и во сајбер-просторот, пренесе агенцијата АП.
„На овој самит ќе ставиме до знаење дека, се разбира, секој напад врз вселенските објекти, како што се сателити и слично, или вселенски напади, може да го активира членот 5“, рече Столтенберг, неколку часа пред да претседава со Самитот со американскиот претседател Џо Бајден и неговите колеги.
Скоро 2.000 сателити кружат околу Земјата, а повеќе од половина се управувани од членките на НАТО, опфаќајќи скоро сè – од мобилни телефони и банкарски услуги до временски прогнози.
Воените команданти се потпираат на некои од нив за навигација, комуникација и размена на разузнавачки информации.
Во декември 2019 година, лидерите на НАТО го прогласија просторот за петти домен на операциите на Алијансата, по копно, море, воздух и сајбер простор.
Многу земји-членки се загрижени за, како што велат, сè поагресивното однесување на Кина и Русија во вселената, пренесе АП.
Околу 80 земји имаат сателити, а се повеќе приватни компании се појавуваат на тоа поле. Во осумдесеттите години од минатиот век, само дел од комуникациите на НАТО се одвиваа преку сателит, а денес тие се најмалку 40 проценти.
Клаузулата за колективна одбрана на НАТО беше активирана само еднаш, кога членките се собраа зад Соединетите држави по нападите на 11 септември 2001 година.