Еди Рама најави дека Албанија следната година ќе испрати два сателита во орбитата, именувани како „Албанија 1“ и „Албанија 2“, и објасни дека тие ќе помогнат да се има целосна контрола врз целата територија на земјата.
– Албанија ќе има сателити и тоа многу наскоро за да ја зајакне контролата на целата територија. Не само сателити, туку и интелигентни беспилотни летала за да ја одведат земјата на друго ниво во однос на администрирањето на територијата. Ова се алатки на новата технологија што гарантираат набљудување на територијата, од границите, до изведбата на градби, мониторинг поврзан со информациите потребни од структурите за борба против трговијата со луѓе, со цел целосно да се изолира трговијата со дрога, истакна Рама.
Албанскиот претседател додаде дека новите технологии ќе се користат во борбата против организираниот криминал и за да ги „олесни односите што се развиваат на територијата и честопати се компромитирани од корумпирани инспектори и полицајци“.
– Другите развиени земји го прават ова. Албанија наскоро ќе има сателити и беспилотни летала со што ќе ја зголеми контролата на територијата во сите аспекти, за пожари, за цивилни итни случаи. Употребата на овие алатки ќе биде за прашања поврзани со граѓанските работи во земјата и борбата против организираниот криминал, нема да биде за воени дејствија или офанзива, посочи Рама.
Неговата најава за сателити на пленарна седница на параментот наиде на потсмев од опозицијата, но тој истакна дека ќе продолжи да зборува понатаму, игнорирајќи ги критиките.
– Ќе купиме дронови. Ќе испратиме и сателити во орбитата. Смејте се, смејте се. Ќе ги видите сателитите „Албанија“ во орбитата и тоа не во следниот мандат, туку идната година. Тоа ќе бидат „Албанија 1„“ и „Албанија 2“, изјави Рама.