Френсис Хауген: Фејсбук знае како да шири омраза на Интернет

од Milan1
580 прегледи

Поранешната вработена во Фејсбук, Френсис Хауген изјави пред британските пратеници дека објавувањето содржини кои поттикнуваат омраза е „најдобар начин да се развие” социјалната мрежа и ги повика да донесат построги закони.
„Свиркачката”, која објави истражување кое покажува дека Фејсбук е свесен за штетноста на платформата, рече дека платформата „без сомнение” знае како да шири омраза на Интернет.

Информатичарката, која овој месец сведочеше пред американскиот Конгрес, објасни дека Фејсбук користи систем кој дава приоритет на содржината која собира најмногу кликови.

– Гневот и омразата се најлесните начини за посетеноста на Фејсбук, рече Хауген, која ја напушти компанијата во мај.

Таа додаде дека е загрижена што Инстаграм, платформа која е во сопственост на Фејсбук, не може да биде безбеден за 14-годишници.

Хауген смета дека „флексибилното и ажурирано законодавство е неопходно со развојот на содржината и социјалните мрежи”.

– Треба да бараме одговорност од овие компании, додаде таа, повикувајќи на „поголема човечка интервенција наместо алгоритми и вештачка интелигенција”.

Основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг и социјалната мрежа веќе се изјаснија против обвинувањата на Френсис Хауген и ги претставија своите иницијативи против омразата на интернет.

Слични содржини