Европскиот парламент ги повика земјите кои ги користат услугите на руската платеничка група „Вагнер“ да ги прекинат сите врски со приватната компанија, за која постои сомневање дека е блиска со претседателот Владимир Путин, пишува „Бета“.
Во необврзувачкиот текст усвоен со 585 гласа (40 против, 43 воздржани), европратениците ги повикаа „сите земји кои ги користат услугите на Вагнер групата и нејзините филијали, особено Централноафриканската Република, да ги прекинат сите врски со таа група“.
Европскиот парламент ги осудува „грозоморните злосторства“ на таа група, чие присуство е регистрирано во Украина, Сирија и Судан, а западните земји стравуваат од интервенција на таа група во Мали“.
Многу невладини организации и новинари веруваат дека Русија ја користи групата и нејзините платеници за да им служи на своите интереси во странство, што Москва го отфрла.
„Групата Вагнер и другите безбедносни компании предводени од Русија дејствуваат во име на руската држава“, велат пратениците.
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел во средината на ноември објави дека е постигнат консензус во земјите на ЕУ за санкционирање на Вагнер групата.
Европскиот парламент побара санкциите да вклучуваат забрана за патување и замрзнување на средствата на претставниците на групата.