Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска дека австралиската влада се однесувала лошо кога го повлекла договорот за купување на подморници од Франција.
Во интервју за француские телевизии, Макрон изјави дека Париз и возвратил на Канбера и дека последиците од тој одговор ќе бидат присутни уште долго, пренесува Ројтерс.
Во интервјуто кое опфати повеќе теми, Макрон изјави и дека научил многу од пандемијата, која, како што нагласи, го доближила до предизвиците со кои се соочуваат обичните луѓе.
„Научив од пандемијата и почувствителен сум на некои работи отколку порано“, рече Макрон.
Како пример, тој изјави дека сега му е јасно дека на француските болници, на пример, им е потребна помош и треба да се реорганизираат.
– Понекогаш бев многу остар. Сфатив дека не можеме да ги промениме работите без бескрајна почит кон сите, нагласи Макрон.
Намалувањето на данокот на богатство и преземањето други чекори поволни за бизнисот му донесоа на Макрон, поранешен инвестициски банкар на Ротшилд, етикетата „претседател на богатите“ на почетокот на неговиот мандат, што тој го негира, наведува Ројтерс.
„Моите вредности не се вредности на претседателот на богатите“, рече тој во интервју за неколкуте француски телевизии.