Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека очекува Русија да преземе чекори за деескалација на ситуацијата околу Украина поради растот на регионалните тензии во последно време.
– Важно прашање е како да се дејствува заедно во врска со многу сериозна ситуација долж украинско-руската граница. Таму се стационирани многу припадници на армијата и мора да се направи се за да се развие ситуацијата поинаку од она што се плашиме, рече Шолц на прес-конференцијата по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој додаде дека „од Русија се очекуваат недвосмислени чекори кои ќе придонесат за деескалација на ситуацијата“, пренесе „Спутник“.
– Едногласни сме во мислењето дека воената агресија ќе има сериозни последици, нагласи Шолц.
Шолц подвлече дека ги поздравува преговорите во многу формати со Русија, вклучително и Нормандискиот формат.
Претходно, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок избегна директно да одговори за прашањето дали Германија ќе испрати војници во Источна Европа поради актуелните регионални тензии.